Бројките на Мицкоски од друг агол: Позитивниот економски тренд е неспорен

Еден позитивен показател може да биде резултат на поволно избран период, надворешна околност или статистичка специфичност. Кога, меѓутоа, повеќе независни индикатори истовремено се движат во иста насока, веќе зборуваме за тенденција.

0

Кога власта зборува за економијата, сосема очекувано ги избира показателите што нејзините резултати ги прикажуваат во најповолно светло. Опозицијата, пак, речиси по правило го прави спротивното. Но сериозната анализа не смее да остане заробена меѓу овие две политички потреби. Нејзината задача е да провери што останува од една политички изнесена теза кога бројките ќе се ослободат од реториката и ќе се погледнат и преку други статистички и економски мерила.

Токму бројките што премиерот ги изнесе во синоќешното интервју на ТВ Сител ми беа доволен интелектуален предизвик за да си дозволам уште една непроспиена ноќ и истите да ги погледнам, проверам и анализирам од еден поинаков агол. Економската споредба што премиерот Христијан Мицкоски ја изнесе во интервјуто заслужува сериозно дополнително внимание и анализа. Не само за да се провери дали неговите проценти се математички изводливи, туку за да се одговори на многу поважно прашање: ако ги смениме периодот, мерилото или методот на споредување, дали позитивната економска слика исчезнува?






Според расположливите податоци таа не исчезнува, туку напротив се потврдува. На одредени места се менува интензитетот на предноста, но не и нејзината насока.

Кај просечната плата премиерот зборува за околу 70 проценти побрз месечен раст во однос на периодот на претходната влада. Таа пресметка може да се анализира и преку други статистички методи. Но дури и целосно да ја оставиме настрана бројката од 70 проценти, останува фактот дека просечната нето-плата од 41.252 денари во мај 2024 се зголемила на 49.544 денари во мај 2026. Тоа е номинално зголемување од нешто повеќе од 20 проценти за две години, а само во мај 2026, во однос на истиот месец претходната година, растот изнесува 8,2 проценти.

Уште поважно, ова не е само номинално движење. Кога растот на платите е повисок од растот на потрошувачките цени, се создава и реално зголемување на куповната моќ. Оттука, може да се дискутира дали „70 проценти побрзо“ е најсоодветната формула за изразување на разликата, но алтернативната пресметка повторно не произведува негативен резултат. Се менува големината на позитивата, но не и нејзиниот знак.

Слична е состојбата и кај пензиите. Просечната старосна пензија во јули 2024 изнесувала 22.857 денари, а во јуни 2026 достигнала 29.663 денари. Тоа претставува зголемување од речиси 30 проценти за период пократок од две години, што само по себе укажува на изразена позитивна динамика на пензискиот доход. Оттука, дури и ако целосно ја оставиме настрана премиеровата формулација за „325 проценти побрз раст“ и примениме едноставна споредба на почетната и крајната вредност, заклучокот останува ист: пензиите бележат значително зголемување во релативно краток временски период. И кај овој показател промената на методологијата може да влијае врз начинот на кој се изразува интензитетот на растот, но не ја менува неговата јасно позитивна насока.

Инфлацијата е особено интересна затоа што тука најлесно може да се проблематизира изборот на споредбената година. Премиерот ги споредува 16 проценти од јули 2022, време на исклучително силен светски енергетски и прехранбен шок, со 2,3 проценти во јули 2026. Но за проверка на трендот не ни е неопходна 2022 година. Во јули 2025 годишната инфлација изнесувала 4,8 проценти, а во јули 2026 е сведена на 2,3 проценти. Значи, дури и со многу поблиска споредбена основа, стапката на инфлација е повеќе од преполовена за една година.

Тоа не значи дека цените се намалиле или дека претходните поскапувања исчезнале. Во статистичка смисла, пониска инфлација значи дека цените продолжуваат да растат, но со значително пониска стапка. Токму затоа не треба да се меша нивото на цените со динамиката на нивниот раст. А токму според динамиката на растот на цените, која ја мери инфлацијата, движењето во последната година е неспорно поповолно.

Можеби најважната потврда дека не станува збор за еден изолиран поволен индикатор ја дава БДП. Пошироката временска слика е особено индикативна. По падот од 4,7 проценти во 2020 година, следува раст од 4,5 проценти во 2021, 2,8 проценти во 2022, 2,6 проценти во 2023 и 3,0 проценти во 2024 година. Во 2025 динамиката дополнително се засилува: реалниот раст изнесува 3,0 проценти во првиот квартал, 3,4 проценти во вториот и по 3,8 проценти во третиот и четвртиот квартал, со годишен раст од 3,5 проценти. Во првиот квартал од 2026 растот продолжува со 3,1 проценти. Оваа временска низа е важна затоа што покажува дека сегашната позитивна динамика не се сведува на една погодна базна точка или на еден успешен квартал. Напротив, по поумерените стапки во 2022–2024 година, во 2025 се забележува поизразено забрзување и континуитет на реалниот економски раст, кој продолжува и на почетокот на 2026 година.

Кај јавниот долг, пак, прецизноста на термините е од суштинско значење. Формулацијата „два и пол пати помал“ не треба да се толкува како тврдење дека апсолутниот износ на јавниот долг е намален два и пол пати. Но ако наместо динамиката на задолжувањето го примениме стандардниот показател (јавен долг како процент од БДП) повторно добиваме позитивна насока. На крајот од вториот квартал на 2026 јавниот долг изнесувал 58,8 проценти од БДП, односно 2,6 процентни поени помалку отколку на крајот на 2024 и 0,6 процентни поени помалку отколку на крајот на 2025. Во однос на првиот квартал од 2026 е намален и апсолутно за 21 милион евра.

И токму тука се наоѓа суштината на целата споредба. Еден позитивен показател може да биде резултат на поволно избран период, надворешна околност или статистичка специфичност. Кога, меѓутоа, повеќе независни индикатори истовремено се движат во иста насока, веќе зборуваме за тенденција. Во случајов растат платите и пензиските примања, реалниот БДП бележи континуиран раст, инфлацијата значително се намалува, а јавниот долг во однос на БДП покажува подобрување.

Од тоа, секако, не следува дека македонската економија ги решила своите структурни проблеми, ниту дека достигнатиот животен стандард е задоволителен. Продуктивноста, конкурентноста, буџетскиот дефицит, демографските движења и брзината на приближување кон европското ниво остануваат суштински предизвици. Но анализираните показатели не покажуваат само позитивен економски тренд, туку и подобра динамика во повеќе клучни сегменти во споредба со периодот на владите предводени од денешната опозиција, токму од политичките структури кои сега најгласно ги оспоруваат економските резултати на актуелната влада.

Оттука, нивната критика има целосен политички легитимитет, но и неизбежен компаративен товар: секое оспорување на сегашните резултати логично повикува на споредба со резултатите постигнати во времето кога истите политички структури ја имаа извршната власт. А токму таквата споредба, според показателите што се предмет на оваа анализа, оди во прилог на актуелната влада.

Таквата компаративна предност не може да се објасни само со статистичка техника. Во мала и отворена економија, квалитетот на економското управување се мери и со способноста навремено да се чита меѓународната средина, да се следат светските економски трендови и домашните политики да се приспособуваат пред надворешните шокови да се преточат во домашна негатива. Фактот што во такво окружување се одржува реален раст, растат доходите, инфлацијата се смирува, а релативната задолженост покажува подобрување, дава сериозна основа да се оцени дека економската и надворешноекономската политика на актуелната влада досега многу поуспешно се справува со овие ризици и со нивното прелевање врз домашната економија.

Но тоа е сосема различно прашање од прашањето дали во анализираниот период позитивен тренд постои. Кога и со поинакви мерила се добива иста насока, политичката расправа логично треба да се помести од тоа дали има подобрување кон тоа колку тоа подобрување е силно, одржливо и способно долгорочно да го подобрува животниот стандард.

Како професор по политички науки, мојата задача не е некритички да прифаќам политички изнесени бројки, но ниту да ги отфрлам само затоа што ги соопштува власта. Затоа ги погледнав и од друг агол, ги споредив преку различни мерила и се обидов да утврдам дали промената на методологијата ја менува и суштината на заклучокот. Дојдов до недвосмислен заклучок дека не ја менува.

Токму поради тоа можам одговорно да стојам зад јавно изнесената констатација дека, според анализираните економски показатели, позитивниот тренд не е прашање на политичка наклонетост, туку на фактичка состојба.

Поврзани содржини