ОД ВРВОТ НА КИНЕСКИОТ ГРАДЕЖЕН БУМ ДО ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР Основачот на „Евергранд“ остана и без личниот имот
Судот во Шенжен го осудил Ксју Џијаџин за повеќе финансиски кривични дела. „Евергранд“ и нејзината подружница добиле казни од вкупно 15,82 милијарди јуани.
Основачот на кинескиот градежен гигант „Евергранд“, Ксју Џијаџин, доби доживотен затвор. Судот во Шенжен му го конфискуваше и целиот личен имот, а доживотно му ги одзеде политичките права, пишува Ej Пи Њуз.
Пресудата го заокружува драматичниот пад на човекот кој некогаш бил најбогат во Азија. Неговата компанија стана симбол на должничката криза што го потресе кинескиот пазар на недвижности.
Џијаџин во април призна вина и изразил каење пред судот. Обвиненијата опфаќаат повеќе финансиски кривични дела, меѓу кои измама, незаконско прибирање средства и поткуп.
„Евергранд“ и нејзината подружница за недвижности биле казнети со вкупно 15,82 милијарди јуани. Тоа се повеќе од две милијарди евра.
Судот утврдил големи финансиски злоупотреби во работењето на компанијата. „Евергранд“ своевремено стана најзадолжениот градежен инвеститор во светот, со обврски поголеми од 300 милијарди долари.
Компанијата престанала да ги исполнува своите должнички обврски во 2021 година. Кризата избувнала откако Пекинг го ограничил прекумерното задолжување во секторот за недвижности.
Суд во Хонгконг наредил ликвидација на „Евергранд“ во 2024 година, додека нејзините акции биле отстранети од берзата во Хонгконг следната година.