СУНЃЕРОТ ЗА АКУСТИЧНА ИЗОЛАЦИЈА ВО „ПУЛС“ ЦЕЛОСНО ИЗГОРЕЛ Вештаците со часови барале остатоци од сунѓерот, но нашле

Вештакот Марковски посочи дека во објектот не биле пронајдени остатоци од сунѓерот, бидејќи целосно изгорел, но дека заклучокот е заснован на фотодокументација, снимки, наодите од другите вештачења и трагите пронајдени во објектот.

0

Наодите во врска со материјалите употребени во објектот, особено полиуретанскиот сунѓер за акустична изолација, како и реконструкциите и интервенциите врз конструкцијата на објектот беа во фокусот на испитувањето на денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.

Професорот на Градежниот факултет во Скопје Горан Марковски, во својство на вешто лице одговараше на прашања на одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов, адвокатката Ивана Коцевска од каде произлегува констатацијата во вештачењето дека на спуштениот плафон имало полиуретански сунѓер. Марковски посочи дека во објектот не биле пронајдени остатоци од сунѓерот, бидејќи целосно изгорел, но дека заклучокот е заснован на фотодокументација, снимки, наодите од другите вештачења и трагите пронајдени во објектот.






– Тоа е всушност главниот проблем. Целиот сунѓер изгорел и практично остатоци од сунѓер кои за градежно вештачење може да послужат, не можеа да бидат најдени во објектот, и покрај тоа што со часови се обидувавме да дојдеме до тоа – рече Марковски.

На констатацијата на адвокатката дека не е пронајден материјален примерок од сунѓерот, Марковски одговори „за жал не остана, затоа што изгорел целиот“.

Во однос на прашањето дали примероците анализирани во лабораторија можеле да потекнуваат и од други полимерни материјали во објектот, а не од полиуретанскиот сунѓер, Марковски остана на наодот дека на спуштениот плафон имало поставено таков материјал.

– Евидентно е и неспорно дека на спуштениот плафон бил поставен сунѓерот за којшто зборувате. И од фотографии и од снимки кои ни беа доставени. Но, тој сунѓер може да го има и во други елементи што уште повеќе ја влошува ситуацијата и го докажува небулозитетот и неводењето сметка за употреба на соодветни материјали во таков вид објект. За нас е неспорно дека на спуштениот плафон имало поставено полиуретански сунѓер – рече Марковски.

Проценката за брзината на ширењето на пожарот, според вештакот, била направена врз основа на повеќе извори.

– Врз основа на сослушување, искази, реченици во разговори со надлежните служби во Пожарна, со кои пожарот е пријавен, дека пожарот многу брзо се проширил во целиот објект, а и од спасувањето… Оваа проценка е темелена врз основа на разговори водени со Противпожарната бригада во Кочани, врз основа на снимки кои беа достапни на социјалните мрежи и кои ни беа доставени, и врз основа на познавањето на однесувањето на ваквите материјали во случај на пожар – рече Марковски.

Во текот на испитувањето беше отворено и прашањето за преградните ѕидови во објектот и нивната пожарна отпорност. На прашање дали преградните ѕидови ги исполнувале потребните стандарди, Марковски одговори потврдно, односно дека преградните ѕидови од гипскартонски плочи ја поседуваат потребната пожарна отпорност.

Коцевска го праша Марковски и за неговата стручност во областа на противпожарната заштита, имајќи предвид дека е професор на Градежниот факултет и градежен инженер. Марковски наведе дека неговата стручност е од областа на градежното инженерство – конструкции, но не се согласи со констатацијата дека не е стручно лице за прашања поврзани со пожарното дејство.

– Не се согласувам со вашите констатации, затоа што едно од товарните дејства на многу од конструкциите коишто ги имам предавано е и пожарното дејство – посочи Марковски.

Предмет на испитување беа и градежните интервенции извршени при реконструкцијата во 2012 година, меѓу кои и зајакнувањето на меѓукатната конструкција со челични греди. Во однос на начинот на кој било изведено зајакнувањето, Марковски појасни дека не станува збор за темелна плоча, туку за подна плоча, бидејќи објектот немал изведена темелна плоча.

– Прво, анкерувањето, односно потпирањето не е вршено на темелна плоча, туку на подна плоча, бидејќи објектот и нема изведено темелна плоча. Дали столбовите се или не се анкерувани во плочата е ирелевантно за улогата за којашто била намената, а намената била за да се осигура плочата, армирано-бетонската плоча, според проектот со дебелина од 12 сантиметри, од новиот корисен товар којшто произлегува од нелегалната пренамена на објектот во дискотека – рече Марковски.

Одбраната го оспоруваше и начинот на кој е утврдено кога била извршена оваа интервенција. Марковски наведе дека тимот кој го изготвувал вештачењето добил податоци од сопственикот на објектот, Гроздан, како и дека тимот се повикувал на констатациите од тимската работа.

– Значи, логично е дека ваквите интервенции се прават тогаш кога се појавува потребата. Пренамената на објектот и вибрациите коишто се јавуваат при неговото користење е логична причина да бидат преземени такви интервенции – посочи Марковски.

На прашањето дали има доказ за точниот период кога била изведена интервенцијата, Марковски одговори „поголем доказ од исказот на тој што го правел не може да најдете“.

Во продолжение на рочиштето беа разгледувани и прашања поврзани со сопственоста на делови од објектот, договорот за закуп и изградбата на две галерии. Одбраната постави и прашање дали левата галерија над бината се поврзува во иста точка со меѓукатната конструкција во приземјето, на што Марковски одговори дека не е сигурен, но посочи дека галериите додадени во 2012 година и отстранети во 2024 година влијаеле врз конструктивните елементи.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Поврзани содржини