БЕЛГИСКИ ПРОДАВАЧ НА КОЛИ СТАНА ПРИНЦ Принцот Лоран законски го призна 26-годишниот Клеман Ванденкеркхове за свој син и наследник

Клеман е син на принцот Лоран и познатата пејачка Венди Ван Вантен, а неговото постоење со години било чувано во тајност

0

Белгиското кралско семејство доби нов член – 26-годишниот Клеман Ванденкеркхове, синот на принцот Лоран, помладиот брат на белгискиот крал Филип, официјално е признат како негов син. Со тоа, Клеман добива и статус на принц на Белгија, иако нема право на престолот ниту ќе добива државна апанажа.

Клеман е роден во 2000 година од врската на Лоран со манекенката, пејачка и телевизиска ѕвезда Ирис Ванденкеркхове, попозната под уметничкото име Венди Ван Вантен. Неговото постоење долго време било предмет на гласини, но принцот Лоран дури во септември минатата година јавно потврди дека е негов биолошки татко.






Сега, по завршувањето на формалната постапка, Клеман и правно е признат како син на принцот. Со тоа стекнува право на наследство од својот татко, заедно со неговите полубраќа и полусестра – принцезата Луиз и близнаците Николас и Ајмерик, кои Лоран ги има со сопругата Клер.

Приказната е особено необична бидејќи Клеман со години растел без јавно потврдена информација за својот татко. Неговата мајка Венди Ван Вантен и принцот Лоран имале врска пред неговиот брак со Клер, со која тој се оженил во 2003 година.

Самото јавно признавање на татковството во 2025 година било голем пресврт за Клеман, но сега следува и официјалното правно признавање. Тој во интервју зборувал за олеснувањето што конечно може отворено да зборува за својот татко и да гради однос со него.

Иако со новиот статус има право да го користи кралското звање, Клеман засега сака да го задржи презимето Ванденкеркхове, по мајка му, наместо да го преземе презимето Сакс-Кобург. Тој, исто така, не добива официјална кралска функција, ниту државна финансиска поддршка.

Клеман нема да биде ниту во линијата на наследување на белгискиот престол. Иако е син на принцот Лоран, неговото признание му носи семејни и наследни права во однос на имотот на татко му, но не и право да ја наследи белгиската круна.

Принцот Лоран, кој има 62 години, е третото и најмладо дете на поранешниот белгиски крал Алберт Втори и кралицата Паола, а помлад брат на актуелниот крал Филип. Со официјалното признавање на Клеман, неговото семејство сега има четири деца.

Интересно е што Клеман, иако преку татко му станува дел од белгиското кралско семејство, не покажува голема желба да го промени досегашниот живот. За него, како што самиот кажал, многу поважно од титулата е можноста конечно да има вистински однос со татко му и да го запознае како родител.

На денот на татковците принцот Клеман споделил една слика со неговиот биолошки татко и една со таткото со кој пораснал и напишал:

– Денес славам двајца татковци од кои секој игра важна улога во мојот живот на свој начин. Ви благодарам за сè. Среќен Ден на татковците!

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Clement (@clement_vandenkerckhove)

Поврзани содржини