ФИЛИПЧЕ Е СПРЕМЕН ЗА ИЗБОРИ АМА НЕ САКА ДА ОДИ НА ПРЕДВРЕМЕНИ Лидерот на СДСМ ќе презентира „Мастер план за Македонија“

Филипче вели дека СДСМ е подготвен и дека секојдневно се подготвува за следните избори, без разлика кога тие ќе се одржат.

0

СДСМ е подготвен за избори кога и да бидат распишани, со тим, програма и нов Мастер план за Македонија, но нема да биде алиби на Христијан Мицкоски за избори, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.

– Не, нема да бидеме алиби. Избори ќе закаже премиерот кој има двотретинско мнозинство. Апсолутна власт на секое ниво претседателката, извршната власт, Собранието, мнозинството во општините, централна и локална власт… Избори ќе има кога ќе им снема пари за коруптивни тендери – рече Филипче.






Тој нагласи дека партијата е подготвена и дека секојдневно се подготвува за следните избори, без разлика кога тие ќе се одржат.

– Ние сме секако спремни, се спремаме секојдневно. Ако ме прашувате дали сме спремни, спремни сме со тим, спремни сме со добра програма – истакна Филипче и најави дека СДСМ следниот месец ќе го презентира „Мастерот план за Македонија“ за граѓаните да знаат кои се нивните ветувања и контролните механизми.

Претседателот на СДСМ не сакаше да го коментира ставот на ДУИ за предвремени парламентарни избори велејќи дека не го видел бидејќи бил објавен непосредно пред прес-конференцијата, а за тоа дали ќе присуствува на лидерска средба за избори, доколку дојде до тоа, рече дека „СДСМ е спремен да учествува во сѐ што е добро за државата“.

– Ќе одам на која било средба ако е за доброто на граѓаните и државата – рече Филипче додавајќи дека искуството што го има од претходните средби со премиерот Христијан Мицкоски и лидерската средба покажува дека „таму не се зборува за такви работи“.

 

Поврзани содржини