СУЗБИЕНА КРИМИНАЛНА ГРУПА, ПРИЈАВЕНИ ШЕСТ ЛИЦА И ТРИ ФИРМИ Штетата се мери во милиони евра
Полицијата разби група осомничена за проневера од 138,8 милиони денари преку лажни извештаи, фиктивно прикажување финансиски податоци и префрлање пари меѓу сметки.
Полицијата разби криминална група која, според истрагата, со години преку лажни извештаи, фиктивно прикажување на финансиски податоци и префрлање пари меѓу сметки на повеќе правни лица проневерила 138,8 милиони денари, односно околу 2,26 милиони евра.
Во полициската акција, спроведена на 2 и 3 септември под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, се лишени од слобода три лица – С.С., Ш.С. и З.Ѓ. При претресите на повеќе локации во Скопје се пронајдени и одземени околу 27.735 евра, 38.500 денари, 750 швајцарски франци и 100 долари, како и повеќе мобилни телефони и две патнички возила.
Единицата за финансиски криминал при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал поднесе кривична пријава до ОЈО ГОКК против шест физички и три правни лица. Тие, во зависност од наводната улога, се товарат за „проневера во службата“, „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „несовесно работење во службата“.
Меѓу пријавените се С.С. (49), сопственик и управител на правно лице од Кучевиште и неизвршен член на одбор на директори во осигурително брокерско друштво, Ш.С. (29) и З.Ѓ. (58), извршни членови на одборот на директори во истото друштво.
За проневера во службата се пријавени и Д.М. (54), раководител на станица за технички преглед, и М.Д. (40), вработен во друштво за книговодствени услуги. Т.М. (64), вработена во Јавното претпријатие за државни патишта како помошник-директор за финансии, е пријавена за несовесно работење во службата.
Полицијата утврди дека главниот механизам на наводната проневера се воспоставува преку правно лице од Кучевиште, кое од 2011 година има овластување за вршење технички преглед на возила.
Според истрагата, С.С., во периодот од 1 јануари 2021 до 20 јануари 2026 година, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, изготвувал и доставувал лажни извештаи за наплатените надоместоци при регистрација на возила. Во извештаите, според полицијата, прикажувал неточни податоци, со што се прикрива вистинскиот износ на собраните средства.
Во тоа, според истрагата, му помагал Д.М., кој е овластен за изготвување и потпишување фактури и за доставување извештаи до надлежните институции.
Особено важен дел од шемата, според истрагата, е користењето на сметките на осигурително брокерско друштво. На нив, иако според закон треба да се уплаќаат само средства за полиси за осигурување, се наплаќаат и други надоместоци поврзани со регистрацијата на возилата.
Полицијата тврди дека Ш.С. и З.Ѓ., како извршни членови на одборот на директори и овластени лица, знаат дека дел од средствата што се слеваат на сметките не потекнуваат од осигурителната дејност. Заедно со С.С., според истрагата, тие потоа го прикриваат потеклото на парите со префрлање средства од една на друга сметка на правните лица и нивно мешање со приходите од редовното работење, најчесто преку прикажување на средствата како позајмици.
Според полицијата, дел од така стекнатите средства се користат за купување недвижности во корист на правното лице.
Во истрагата е опфатена и улогата на Т.М., помошник-директор за финансии во Јавното претпријатие за државни патишта. Полицијата тврди дека таа има обврска да ги следи уплатените надоместоци и да ги проверува доставените извештаи, односно да ги споредува реално наплатените средства со износите прикажани во извештаите.
И покрај таа обврска, според истрагата, Т.М. не вршела должен надзор, туку го известувала Д.М. за износите уплатени на сметката на ЈПДП, наместо правното лице од Кучевиште редовно да доставува месечни извештаи. Со тоа, според полицијата, на С.С. му овозможувала да се стекне со противправна имотна корист од 48.434.406 денари по основ на надоместокот за патна такса.
Во шемата, според полицијата, учествувал и М.Д., овластен сметководител во друштво од Скопје. Тој, како што се наведува во пријавата, во сметководствената документација внесувал невистинити податоци кои не соодветствуваат со реалната документација за работењето. Полицијата тврди и дека поднесувал даночни пријави и годишни сметки во кои не е прикажана реалната финансиска состојба на правното лице од Кучевиште.
На тој начин, според истрагата, се овозможило стекнување со противправна имотна корист од 138.877.419 денари по основ на надоместоците што се наплаќаат при регистрација на возила.
Вкупниот износ што полицијата го наведува како противправно стекната имотна корист е 138.877.419 денари, односно околу 2,26 милиони евра. Од нив, најголем дел, 83.371.988 денари, според пријавата, се однесуваат на Буџетот и комуналните такси за општините.
На Јавното претпријатие за државни патишта, според полициските наводи, му е нанесена штета од 48.434.406 денари, на Црвениот крст 1.485.926 денари, а на Министерството за животна средина 5.585.098 денари.
Истрагата ја спроведува Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал во координација со ОСПО-ЕБР, под раководство на ОЈО ГОКК. За пријавените лица понатаму одлучуваат надлежното обвинителство и судот, согласно законската постапка.
НОЌНА ПОЛИЦИСКА АКЦИЈА ВО СКОПЈЕ Лажни уплатници водат до штета од 13 милиони денари