🎥 ИВАНА КОВАЧ ПРЕРАБОТИ УШТЕ ЕДНА ПЕСНА НА МИШО КОВАЧ Музичката легенда е воодушевена од новите верзии на неговите стари хитови
За својот 49. роденден Ивана Ковач претстави нова верзија на песната „Zalij to cvijeće suzama sreće“ од нејзиниот татко Мишо Ковач, а откри и дека неговата реакција била особено емотивна.
Ивана Ковач својот 49. роденден, кој го прослави на 1 септември, го одбележа со нова песна. Хрватската пејачка ја објави преработката на песната „Zalij to cvijeće suzama sreće“ од нејзиниот татко, легендарниот Мишо Ковач.
Станува збор за втора песна од богатиот репертоар на Мишо на која Ивана ѝ даде свој музички печат. Проектот со преработки на неговите песни започнал по идеја на Нено Нинчевиќ, а Ивана на него соработува со Тони Рајновиќ.
– Нема подобра прослава на роденденот од тоа кога на луѓето ќе им дадеш нешто што го сакаш – изјавила Ивана.
За преработките таа и соработниците намерно избираат песни кои можеби не се меѓу најголемите хитови на Мишо, но имаат посебно значење за неа.
– Ќе ги земам и најпознатите, но повеќето ќе бидат песни кои ги знаат само најголемите Мишови обожаватели и кои имаат најголемо значење за мене – објаснила пејачката.
Песната „Zalij to cvijeće suzama sreće“ потекнува од седумдесеттите години, а Ивана вели дека за продолжението на проектот им била потребна токму една побрза и повесела песна.
Нејзината поврзаност со музиката на татко ѝ, сепак, е многу подлабока. Таа се присетила на детството и моментите кога Мишо се враќал дома, ја пуштал својата музика, а семејството заедно ги слушало песните.
– Кога си дете полно со љубов и немаш грижи, поинаку го перцепираш целиот свет. Тој ќе дојдеше дома, ќе ги пуштеше песните, ние ќе ги слушавме и тоа се всади во мене како нешто прекрасно – раскажала Ивана.
Првата преработка, „Malo mi je jedan život s tobom“, ја претстави летово, а токму реакцијата на нејзиниот татко на двете песни за неа e особено важна. Мишо, како што открива Ивана, бил воодушевен од она што го слушнал.
– За првата целосно полуде, а кога му ја испратив втората, по 15 минути му се јавив и веднаш ме праша: Кога ја правиш третата? – откри таа за хрватските медиуми.
Ивана вели дека токму радоста што му ја носи на својот татко ѝ дава дополнителен поттик да продолжи со проектот.
– Една од големите радости ми е што тоа нему му создава огромна среќа. Толку е среќен поради тоа и кога знаеш дека на тој начин некому му носиш среќа, сè е тројно поубаво и поемотивно – изјави пејачката.
За неа, токму емоцијата што музиката ја предизвикува кај луѓето е еден од најважните делови од нејзината работа.