Пленковиќ ѝ одржа лекција на Софија, но дали и Загреб ја научи?

Ако билатералните блокади ѝ нанеле толкава штета на Македонија, дали Хрватска има политичко и морално оправдување да го условува европскиот напредок на Црна Гора со решавањето на сопствените билатерални прашања?

0

Не е честа појава еден европски премиер толку отворено да проговори за неправдите што билатералните блокади им ги нанесуваат на земјите кандидатки за членство во Европската Унија. Уште поретко се случува како пример да ја посочи токму Македонија и јавно да констатира дека две држави ѝ одзеле цели 21 година од нејзиното институционално приближување кон Унијата.

Токму тоа го направи хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на 15 октомври 2026 година, во Брисел, пред почетокот на состанокот на Европскиот совет говорејќи за европската перспектива на Црна Гора и за отворените прашања меѓу Загреб и Подгорица.






Признавам, неговата изјава го привлече моето внимание не само поради признанието за неправдата нанесена врз Република Македонија, туку и поради една очигледна противречност. Ако билатералните блокади ѝ нанеле толкава штета на Македонија, дали Хрватска има политичко и морално оправдување да го условува европскиот напредок на Црна Гора со решавањето на сопствените билатерални прашања?

Токму во одговорот на ова прашање се наоѓа суштината на изјавата на Пленковиќ. Кога во 2000 година се одржа Загрепскиот самит, Македонија беше пред Хрватска во институционалното приближување кон ЕУ. Во 2005 година добивме кандидатски статус, а Хрватска, која тогаш ги започна пристапните преговори, во 2013 година стана полноправна членка на Унијата.

Македонија, пак, и денес останува заглавена во преговарачкиот процес. Иако во јули 2022 година формално ја одржавме првата меѓувладина конференција, а во декември 2023 година го завршивме скринингот, суштинските преговори по кластери сè уште не се отворени.

Во меѓувреме, го сменивме уставното име, прифативме сериозни политички компромиси и постојано слушавме уверувања дека европската перспектива е јасна. По решавањето на спорот со Грција, кога се очекуваше конечно придвижување кон членството, следуваше новото условување од Бугарија.

Затоа, оценката на Пленковиќ за изгубените 21 година не ја разбирам само како дипломатска констатација, туку и како признание дека билатералните спорови можат да се претворат во средство за долгорочно политичко блокирање на една држава.

Се разбира, не би било правично сите наши неуспеси да ги припишуваме на надворешните блокади. Македонија секако дека има сопствени институционални слабости, сериозни проблеми со корупцијата и недоволно спроведени реформи. Но, исто многу погрешно би било да се премолчи дека билатералните спорови со години претставуваа одлучувачка пречка за нашиот европски напредок.

Хрватска и Црна Гора – конструктивен пристап или ново условување?

Пленковиќ нагласува дека Хрватска не сака да го повтори искуството што Македонија го имаше со Грција и Бугарија. Тој потсетува дека Загреб со години ги поддржува црногорските евроинтеграции, помага со европското законодавство и обезбедува експертска и политичка поддршка. Тоа заслужува позитивна оценка.

Меѓутоа, истовремено, Хрватска инсистира на решавање на осум отворени прашања со Црна Гора. Не би ги изедначувал овие барања со бугарските условувања кон Македонија. Но, постои суштинска разлика меѓу барањето да се решат отворените прашања и користењето на европската интеграција како средство за изнудување политички отстапки.

Доколку Хрватска инсистира на дијалог, пропорционалност и заемно прифатливи решенија, нејзиниот пристап навистина може да претставува позитивен пример. Но, ако овие прашања станат причина за долгорочно блокирање на Црна Гора, тогаш тешко ќе може да се објасни во што суштински се разликува од практиката што Пленковиќ со право ја критикува.

Пленковиќ ја кажа вистинската работа. Останува да видиме дали Загреб ќе покаже политичка доследност и да ја спроведе.

Што треба да научи Софија?

Според мене, токму тука се наоѓа најважната порака за бугарските власти. Софија треба внимателно да ја прочита изјавата на Пленковиќ, не затоа што тој директно ја прозва, туку затоа што јасно ги посочи последиците од политиката на блокади: изгубени години, нарушена доверба и растечко разочарување во европската идеја.

Македонскиот јазик, националната самосвест и историското самоопределување не смеат да бидат предмет на политичко преговарање. Истовремено, правата на бугарската и на сите други заедници во Македонија мора доследно да се почитуваат и заштитуваат во согласност со демократските и европските стандарди.

Договорот за пријателство, добрососедство и соработка од 2017 година треба да биде инструмент за градење доверба, а не постојан извор на нови условувања. Неговото спроведување подразбира добра волја, почитување и одговорност од двете страни, а не само од македонска страна.

Би сакал Софија да разбере една едноставна работа: добрососедството не се докажува со способноста да го блокирате соседот, туку со подготвеноста да му помогнете да напредува, без притоа да се откажете од сопствените легитимни интереси ако евентуално постојат.

На крајот, Македонија и Бугарија ќе останат соседи независно од исходот на европските интеграции. Затоа, прашањето не е само што Бугарија може да добие со блокадите, туку и што долгорочно губи со продлабочувањето на недовербата меѓу двата народа.

И Брисел мора да ја признае одговорноста

Не можам да прифатам дека целата одговорност за македонскиот европски застој треба да се бара исклучиво во Атина и Софија. ЕУ не смее да биде и да остане нем набљудувач на билатералните спорови. Таа е политичка заедница со сопствени институции, правила и одговорност за кредибилитетот на проширувањето. Кога Европската комисија со години препорачува започнување преговори, а политичката одлука се одложува поради билатерални прашања, оправдано се поставува прашањето за вистинската тежина на европските критериуми.

Особено ме загрижува што принципот на едногласност, чија цел е да обезбеди согласност меѓу државите членки, може да се претвори во инструмент за пренесување на билатералните спорови на европско ниво. Не го оспорувам правото на земјите членки да ги штитат своите интереси. Но, сметам дека мора да постои јасна граница меѓу објективните критериуми за членство и политичките условувања што произлегуваат од билатералните односи. Во спротивно, проширувањето престанува да биде процес заснован првенствено врз заслуги и резултати, а станува процес зависен од политичката волја на поединечните држави членки.

И тука го гледам најголемиот парадокс: Унијата од кандидатите бара предвидливост, правна сигурност и владеење на правото, а самата не секогаш им обезбедува доволно предвидлив и правичен пристапен процес.

Сепак, тоа не ја ослободува Република Македонија од обврската да ги спроведува реформите. Напротив, независното судство, борбата против корупцијата и професионализацијата на институциите мора да останат наши приоритети, независно од однесувањето на Софија и Брисел. Но, со една важна разлика: исполнувањето на европските критериуми треба да резултира со предвидлив напредок, а не со постојано отворање нови политички услови.

Наместо заклучок: Дали некој ја научи лекцијата?

Изјавата на Пленковиќ заслужува внимание затоа што доаѓа од премиер на држава што поминала низ тежок пристапен процес и добро знае колку штети можат да предизвикаат билатералните блокади. Но, вистинската вредност на неговите зборови ќе ја видиме преку политиката на Хрватска кон Црна Гора. Ако Загреб покаже дека отворените прашања можат да се решаваат без блокирање на европскиот напредок, тогаш Пленковиќ навистина ќе одржи лекција од која и Софија треба да учи.

Ако, пак, и Хрватска тргне по патот на долгорочни условувања, неговата изјава ќе остане уште еден пример за разликата меѓу европските принципи што политичарите јавно ги застапуваат и политиките што ги спроведуваат.

За Македонија, поуката е јасна. Мора да продолжиме со реформите и европските интеграции, но истовремено многу поодлучно да бараме предвидливост, политичка доследност и гаранции дека исполнувањето на преземените обврски нема постојано да биде проследено со нови условувања. Дваесет и една година не се само бројка во една политичка изјава. Тоа се изгубени можности, разочарани генерации и сериозно нарушена доверба во европските ветувања.

Затоа, на крајот, би поставил три прашања.

До Софија: Дали навистина верува дека пријателството и добрососедството со Македонија можат да се градат преку постојани политички условувања, притисоци и обиди за прекројување на македонската историја по сопствен (читај нивен) терк, наместо критички да ја преиспита сопствената историја и својата политика кон македонскиот народ?

До Загреб: Дали е подготвен да го поддржи непречениот европски напредок на Црна Гора, без да ги повтори блокадите и политичките условувања што Атина и Софија со години ги применуваа кон Македонија, а чии штетни последици денес ги признава и самиот премиер Пленковиќ?

И до Брисел: Ако европските лидери и самите признаваат дека на Македонија ѝ се одземени 21 година поради билатерални блокади, до кога Европската Унија ќе ја толерира злоупотребата на правото на вето за остварување тесни национални и политички интереси, проследена со дрско непочитување на темелните европски принципи и вредности? Кој ќе ја преземе политичката одговорност за изгубените децении и кој конечно ќе гарантира дека Македонија нема повторно да биде заложник на нови условувања и политички уцени?

Зашто, ако Европа навистина сака да биде заедница на вредности, тогаш не смее да дозволи правото на вето да стане посилно од принципот на правичност и еднаквост.

Поврзани содржини