„Подобро гроб отколку роб“!

Сосема е легитимно правото на еден народ да се спротивстави на налудничавите планови на една власт на било кој начин, дури и со отворени демонстрации. А во тој контекст и паролите „Подобро гроб отколку роб“ и „Подобро војна отколку пакт“ се извонредно сликовита споредба со ова што се случува кај нас последниве години со евроинтегративниот пат и односот на соседите и еу кон нас. Не знам зошто досега овие пароли не се појавиле во јавноста, па дури и во речникот на Владата!

83

Спомнатите минатиот пат општонародни демонстрации на 27 март 1941 година против пристапувањето на Кралството Југославија на Тројниот пакт (Германија-Италија-Јапонија) – организирани од тогашната КПЈ – се само еден (локален) пример на одговор/однос кон налудничави меѓународни политики и договори склучувани од една власт со единствена цел: да ги задржи властодржечките позиции во земјата приклонувајќи се кон посилниот. Но и полудиот, поагресивниот, крвожедниот, непријателски и злосторнички ориентираниот…, какви што впрочем тогаш биле Германија, Италија и Јапонија. Инаку, има и многу други примери на автентично поништување на идиотски меѓународни договори – нешто од што ние се плашиме небаре ќе ни пишат голема единица во дневникот на „госпожа“ фон дер Лајен!

И, да не остане некажано: онакви протести имало и во Македонија, а најмасовните антифашистички демонстрации и манифестации биле одржале во Скопје, Битола, Велес и др. Протестите биле организирани од локалните организации на КПМ односно КПЈ и поддржани од слободоумниот македонски народ. Потоа – следувал 11 Октомври!






Но денес кај нас, повторно и повторно, токму самопрогласените наследници на таа државотворна партија врескаат дека баш тие, „(…) се наследниците на државотворните политики на нашите предци партизаните, на вредносните политики на антифашистичката борба“. А како такви не само што протестираат туку и „сечат вени“ државата да прифати таков „пакт“!

Се разбира, ги претпоставувам забелешките што ќе бидат упатени за „несоодветноста“ на споредбата на чинот на пристапувањето на Тројниот пакт со „Договорот за добрососедство, пријателство и соработка“ со Бугарија, „Преспанскиот договор“ и др. Но, дали е баш така односно дали се тие баш толку различни? И да, ќе има забелешки и за споредбата на еу (малите букви се апсолутно објективни за нејзиниот статус денес) со режимите во земјите од спомнатиот пакт пред Втората светска војна. Но и тука следува легитимното прашање: а во што е разликата во однос на Македонија? Или, ги заборавате ли говорот на омраза и отворените закани токму на таа ступидна еу за отворена војна со Русија веќе утре, во 2030 година? И ги сметате за нормални, цивилизирани, културни, современи… и нешто поразлични од лудакон во 1939? Или, ги заборавате ли отворените спротивставувања на културниот идентитет на Македонецот од страна на јужниот и источниот сосед, со кои еден овдешен простак камуфлиран во „умен државотворец“ потпиша онакви договори? Извинете, но јас – не!

Оттука, наспроти пелтечењата на Филипче и еден минорен малолетен дел кој битпазарски ни препродава нечии пароли дека ова денес е некаква „4-годишна само-блокада на европските интеграции и јасно одбивање на исполнување на обврските на државата“, зошто никој од нив не сака да знае која е – другата цена?! И кој ќе ја плаќа? Или ја знаат, ама – молчат? На некои дури и им се допаѓа? Секој еден договор, па нека е и светимеѓународен, мора да биде укинат, отповикан, поништен… или „елегантно“ заобиколен ако е на штета на државата! Или некој сака сериозно да ми каже дека спомнатите два, па и онаа ступидна „француска рамка“, се добри за нас? И не ги гледаме ли пошироките геополитички назнаки во оваа и ваква еу коишто потоа како ураган би нѐ зафатиле и нас? (Но за тоа во некоја следна прилика.)

Која е, инаку, и каква е функцијата на една власт, со Влада, министри, советници и секакви други зевзеци-функционери, ако не да ги пронајдат најбезболните патишта за благосостојбата на граѓаните? И ќе го повторам Бакман: „Од оние кои се многу платени, се очекува многу“! Или толкавите плати и привилегии се заради нивната убавина?

И конечно, а во светлината на 85-годишнината на овој 11 Октомври: што ќе се случеше и каде ќе беше Македонија, регионот и Европа ако во онаа 1941 година КПЈ се провикнеше – како слепциве денес – во полза на Тројниот пакт? И не го повикаше народот на отпор, па и во партизани, во целосно неизвесна битка со далеку понадмоќен непријател туку му сугерираше да го прифати пактот? Гледаме како таа Европа им враќа на оние кои ја ослободија, но мораме ли и ние да се придружиме на тоа лицемерие, на таа подлост и неморал? Не само таму туку и во регионот, но и дома?

Впрочем, од друга страна, нема ли „континуитет“ во протестите на 27 март 1941 година во оној „консултативен“ рефендумот за „Преспанскиот договор“ којшто јасно го презентираше мнозинскиот став на народот? Па и оние демонстрации низ Скопје апропо Договорот со источниот сосед и особено со обзнанувањето на „Османовите протоколи“? Фактот што за него гласале 67 пратеници – а на што се повикува токму антимакедонскиот потписник (или ние и понатаму мислиме дека тој бил случајно инсталиран на таа функција?)! – во случајов не значи ама баш ништо бидејќи тоа го тангира идентитетот на мнозинството граѓани во државава. А пратениците, такви какви се, утре би гласале и Скопје да го прекрстиме во – Токмакград!

Сакам да кажам: сосема е легитимно правото на еден народ да се спротивстави на налудничавите планови на една власт на било кој начин, дури и со отворени демонстрации. А во тој контекст и паролите „Подобро гроб отколку роб“ и „Подобро војна отколку пакт“ се извонредно сликовита споредба со ова што се случува кај нас последниве години со евроинтегративниот пат и односот на соседите и еу кон нас. Не знам зошто досега овие пароли не се појавиле во јавноста, па дури и во речникот на Владата!

Или, ако баш сакате: ако огромен дел од (не само македонските) аналитички согледувања упатуваат на предвидливи и лесно докажливи сериозни проблеми за македонскиот идентитет, култура, јазик, историја и самобитност во случај на целосно спроведување на дотичниот „договор“ со источниот сосед вклучувајќи ја и фамозната дополнителна измислица „Бугари во Устав“, дефинитивното прифаќање на „француската рамка“ а со тоа и „Османовите протоколи“ и слично, тогаш повторно се поставува прашањето: дали сме ние нормални односно дали навистина заслужуваме држава? И зошто отворено и тврдоглаво би влетувале во таква целосно непредвидлива авантура која што веќе утре може да нѐ чини дури и човечки животи? И зошто некој од Македонија би гинел за некои бриселски идиоти и профитите на европската воена индустрија, ве молам?

Истиот резон – се разбира плус идеолошкиот (фашистичкиот) аспект, којшто е функционален и во нашиот случај! – го имала и КПЈ кога на оној 27 март 1941 година го повикала народот на демонстрации против пактот (договорот) за пристапувањето кон Силите на оската! Знаеле што ги чека потоа.

Ние глумиме дека не знаеме. И тоа го претставуваме како државна политика и стратегија. Или навивачите за еу (малите букви се резултат на враќањето на фашизмот на голема врата во некои тамошни земји) однапред имаат подготвени локации каде ќе ги дислоцираат своите семејства? За да бидат – на сигурно?!

Се разбира, јас можеби грешам, не пледирам на сопствената видовидост како оние неколкумина политикантски платеници самопрогласени за „аналитичари“, но се обидувам да гледам и во минатото и во иднината и да ги поврзам нештата. А тие не се баш поволни за ваквите македонски „политики“! Се разбира ако во онаа фашизоидна еу остане сѐ вака како што е. А некои велат дека и да има промени, тие ќе бидат на полошо! Е па – повелете.

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини