ПОЧИНА ВАСКО ЈОЛЕСКИ, КОЈ НАД 6 ГОДИНИ ЖИВЕЕШЕ СО МЕХАНИЧКА ПУМПА НАМЕСТО СРЦЕ Претседателот на „Храбро срце“ чекаше трансплантација

На Јолески во 2011 година му беше дијагностицирана тешка срцева слабост, а во 2020 година му беше вградена механичка пумпа која му помагаше на срцето да ја испумпува крвта. Како претседател на здружението „Храбро срце“ со години се бореше за подобри услови за лекување на пациентите кои живеат со вакви уреди.

0

Почина Васко Јолески од Струга, претседател на Националното здружение „Храбро срце“, кој повеќе од 6 години живееше со механичка пумпа за поддршка на работата на срцето, додека чекаше трансплантација.

На Јолески во 2011 година му беше дијагностицирана тешка срцева слабост, а во 2020 година му беше вградена механичка пумпа која му помагаше на срцето да ја испумпува крвта. Оттогаш неговиот живот зависеше од овој уред, додека чекаше да се најде соодветен донор на срце за него.






Како претседател на здружението „Храбро срце“ Јолески со години се бореше за подобри услови за лекување на пациентите кои живеат со вакви уреди.

Тој јавно зборуваше за високите трошоци за лекување, проблемите со кои се соочуваат пациентите и потребата од поголема поддршка од здравствениот систем. Воедно, постојано укажуваше на важноста на донирањето органи.

Неодамна, по долгогодишно чекање, се појави можност Јолески да добие ново срце.

Тој ја прифати можноста за трансплантација, а според претходно објавените информации, лекарите требаше да се обидат да ја изведат операцијата. Доколку зафатот се реализираше, Јолески можеше да стане првиот пациент во ваква состојба кај кого ќе беше извршена трансплантација на срце.

Поврзани содржини