МАКЕДОНИЈА СВЕТИ ВО ЗЕЛЕНО ЗА НОВ ЖИВОТ Објекти низ државата во знак на солидарност со донорите
Општини и институции од повеќе градови се вклучија во иницијативата по повод Европскиот ден на донирањето органи, ткива и клетки, испраќајќи порака за хуманост, солидарност и надеж за нов живот.
Повеќе објекти низ Македонија се осветлуваат во зелена боја во знак на солидарност со донорите и примателите на органи, ткива и клетки, по повод Европскиот ден на донирањето органи, ткива и клетки за 2026 година.
Во иницијативата се вклучија општини од повеќе градови низ државата, како и институции, кои со зеленото осветлување испраќаат порака за надеж, хуманост и можност за спасување човечки животи.
Министерството за здравство им се заблагодари на сите што ја поддржаа иницијативата, истакнувајќи дека оваа симболична гестура ја подигнува свеста за значењето на органодарителството и трансплантацијата.
„Секој донор е надеж. Секое „да“ е нов живот. Да ја шириме свесноста, да поттикнуваме хуманост и да даваме надеж за нов живот!“, порачуваат од Министерството за здравство.
Зелената светлина е симболична порака дека одлуката за донирање органи, ткива и клетки може да им даде нова шанса за живот на луѓето на кои им е потребна трансплантација.
Со вклучувањето на локалните самоуправи и институциите, иницијативата потсетува дека солидарноста и информираноста се важни за развојот на донорството и за спасувањето човечки животи.