Помалку млади ќе плаќаат за постара Европа

Помалку европски деца значат помалку идни даночни обврзници, помалку иноватори, помалку војници и помалку родители за одгледување на следната генерација. Тоа е бавно, и како што е веќе означено во некои истражувања, повеќеслојно и немилосрдно демографско самоубиство.

59

Мерки за стимулација на демографскиот прираст, чии ефекти обично покажуваат скромни резултати, се воведуваат во голем број европски земји. Но негативните трендови на континуиран пад на новородени деца не запираат, така што опаѓањето на наталитет води кон постаро население и помалку млади луѓе кои влегуваат на пазарот на трудот.

Нискиот наталитет е, всушност, еден од најголемите долгорочни социо-економски и демографски проблеми на ЕУ. Но интересно е тоа што ЕУ повеќе не е сама со овој проблем. Кина, Јапонија, Јужна Кореја и големи делови од Латинска Америка, исто така, доживуваат остар пад на стапката на наталитет. Разликата е во тоа што Европа има многу постаро население веќе неколку децении.






Според најновите објавени статистички податоци на Евростат, во 2024 година, вкупната стапка на фертилитет во Европската Унија, вклучувајќи ги и мигрантите, изнесуваше 1,34 деца по жена, што е далеку под нивото на репродукцијз од 2,1. Во 2024 година, во ЕУ се родени 3,55 милиони деца, во споредба со околу 6,8 милиони во 1964 година, пресметано врз основа на денешните ЕУ-членки. Тоа значи дека стапката на фертилитет во ЕУ е околу 36 проценти под нивото потребно за населението да се репродуцира на долг рок.

Постарата популација брзо расте, додека бројот на работоспособни лица се намалува. Ова не е само предизвик на кој може да се одговори со „малку повеќе“ имиграција, туку самите темели на општеството стануваат се понестабилни. Помалку европски деца значат помалку идни даночни обврзници, помалку иноватори, помалку војници и помалку родители за одгледување на следната генерација. Тоа е бавно, и како што е веќе означено во некои истражувања, повеќеслојно и немилосрдно демографско самоубиство.

Во Холандија, на пример, во студија на Холандскиот интердисциплинарен демографски институт се констатира дека до една четвртина од падот на стапката на наталитет се должи на кризата со домувањето, која пак е влошена од масовната имиграција и еколошките ограничувања за градежништвото и изградба на нови станови.

Во исто време, масовната имиграција од Африка, Блискиот Исток и Јужна Азија „компензира“ за ниската стапка на наталитет кај домородното население, иако само делумно. Во 2023 година, речиси 6 милиони луѓе имигрирале во ЕУ, од кои 4,9 милиони биле од земји од третиот свет. Во 2025 година, околу 64 милиони луѓе родени надвор од ЕУ живееле во Унијата, што претставува околу 14 отсто од вкупното население.

Проекциите што произлегуваат од последиците за ЕУ поради демографскиот пад се драматични. Според Евростат, се очекува населението на ЕУ, кое старее, да се намали на околу 420 милиони до почетокот на наредниот век, што е помалку од една дваесетина од светската популација. Економиите ќе ја изгубат развојната сила. Речиси ниту еден пензиски систем во Европа во такви услови нема да може да преживее. Токму затоа, неизбежна последица е големата потреба во рамки на целата ЕУ од имиграција на работна сила.

Експертите предупредуваат дека овие предизвици би требало час поскоро да имаат важно место на агендата на ЕУ, дури и ако тоа не е приоритетно прашање за Унијата во овој миг. Европскиот совет веќе усвои заклучоци што ја нагласуваат важноста на ова прашање. Европската комисија беше повикана да развие пакет алатки за справување со „демографските предизвици, а особено во однос на ефектите врз конкурентноста на Европа“.

Прашањето за демографијата, исто како и предизвиците поврзани со климатските промени, е несомнено едно од големите прашања на актуелниот глобален миг. Но, разни примери за примена на реформски мерки за поттикнување на наталитетот не резултираат со ефекти кои би потврдиле на јасен начин дека негативниот развојот може да се „поправи“. Позитивен пресврт е секако можен и неопходен, но ниту една земја не го покажала вистинскиот пат. Фактот дека дури и богатите, високоразвиени скандинавски земји, со нивните разгранети политики за социјална помош и бенефиции се соочуваат со толку големи предизвици во запирањето на сопствената депопулација, доволно јасно зборува за обемот на овој глобален проблем.

Во Шведска се очекува затворање на околу 1.000 градинки до 2027 година, а што изнесува околу 10 проценти од претшколските установи во државата. Изградбата и отворањето на нови градинки било димензионирано според прогнозите за годишен пораст на населението меѓу 25.000 и 30.000 лица, но во последните години порастот на населението во Шведска изнесува само околу 3.000 луѓе. Според демографските анализи, повисоката просечна возраст на мајките што раѓаат првпат се чини дека е важно објаснување за ваквиот развој во Шведска, но и во другите скандинавски земји. Мажите и жените сè повеќе го одложуваат или се воздржуваат од родителството. Новосклучените бракови се исто така западнати во сивата зона на опаѓање.

Финска има најниска стапка на наталитет во Скандинавија. Конкретни последици од таквиот развој се чувствуваат преку интензивирање на општествената дебата околу намалувањето на детски групи и затворање на училиштата. Проекциите се базираат врз претпоставеното постепено намалување на населението во Финска од 2034 година. Општо земено, предизвиците поврзани со раѓањето деца и родителството се поврзани со економијата, но и со тешкотиите новосклучените бракови да се одржат на подолг период.

Финската влада предложи воведување бонус од 30.000 евра за мајки под 30-годишна возраст, кои раѓаат за првпат. Владата планира и нови мерки насочени против дискриминацијата на бремените жени, посебно на пазарот на трудот.

Статистичките показатели покажуваат негативен развој и во балканските земји. Сепак, историски гледано, Косово и Албанија имале значително повисоки стапки на наталитет од остатокот од Европа. Но, трендовите се драматично променети. Демографскиот развој на Косово, гледано од аспект на големи семејства и мошне млада популација, е променет до стапка на наталитет што сега е далеку под нивото на проста препродукција на населението. И во Албанија се случиле брзи промени, што покажува дека традиционалните семејни обрасци, културните норми и верската припадност не мора нужно да спречат нагло опаѓање на наталитет. Урбанизацијата, образованието, економската несигурност, иселувањето и промената на животниот стил играат важна улога.

Зошто млади луѓе денес, пред сѐ кога се во прашање млади жени, во најдобар случај сакаат да имаат малку деца? Тоа е едно од прашањата кое се поставува во скандинавската дебата. Лесно е да се посочат конкретни проблеми, како што се недостиг на станови, војните и нарушените меѓународни односи, климатските проблеми и катастрофи, но во основа објаснувањата што се нудат се сведуваат главно на хипотези.

Истото прашање, се разбира, не може да ја заобиколи и дебатата поврзана со демографската реалност на Балканот. Бројките се бројки, статистиката е неумолива. За една деценија во Македонија е регистриран пад на новородени деца од околу 30 проценти. Во исто време за 17 проценти е намален бројот на новосклучени бракови. Негативниот прираст ги празни градинките и училиштата, а таквиот тренд од година во година се засилува со иселувањето на населението кое во целата држава оди по нагорна линија.

Тоа го изострува и крупното прашање како да се обезбеди издржување на постариот дел од населението. Кога се намалува бројката на млади кои мора да издржуваат повеќе луѓе, распределбата меѓу генерациите станува политички наелектризирана. Генерацискиот јаз, всушност, неизбежно станува сè поголем политички конфликт, кој постепено тоне во демографската бездна

 

Поврзани содржини