МИЦКОСКИ ОД ПЕЛИНЦЕ • НЕМАМЕ ПРАВО НА НЕУСПЕХ, ОВА Е ПОСЛЕДНАТА БИТКА ЗА МАКЕДОНИЈА Сегашната генерација има свој Илинден – да ги врати вербата, достоинството и иднината на државата

Мицкоски ги повика граѓаните да не подлегнуваат на атмосферата на дефетизам, цинизам и омраза кон секој успех на државата. Секоја генерацијанима свој Илинден, а обврска на сегашната генерација е да ја врати вербата во институциите, достоинството на чесниот човек и надежта како двигател на општеството.

165

Премиерот Христијан Мицкоски од Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце порача дека денешна Македонија не е државата за која сонувале илинденците и асномците, но дека токму тоа е историската задача на сегашната генерација – да ја врати таквата татковина. Во обраќањето по повод Денот на Републиката, тој оцени дека оваа генерација ја води „последната битка за иднината на државата“ и дека нема право на неуспех.

„Народ што живее само од својата историја полека почнува да ја губи својата иднина. Но, народ што ја почитува својата историја, а храбро ја создава својата иднина, тој народ никој не може да го запре“, рече Мицкоски.






Тој додаде дека верува оти токму битката на денешната генерација е „последната надеж за иднината на државата“ и нагласи дека не смее и не може да се потфрли.

Секоја генерација има свој Илинден

Премиерот истакна дека секоја генерација има свој Илинден и своја историска мисија. Според него, ако претходните генерации се бореле за слобода и за создавање држава, денешната има задача да ја зачува Македонија силна, праведна и просперитетна, да ја направи земја во која луѓето ќе сакаат да останат, да работат, да создаваат семејства и да ја градат својата иднина.

Осврнувајќи се на политичките состојби, Мицкоски рече дека Владата чекор по чекор ја враќа довербата кај граѓаните и создава примери во кои Македонија победува. Тој потсети дека пред само неколку години државата била под силно влијание на интересите на политичките елити, додека денес тие сили се во опозиција и се соочуваат со сопствени поделби.

Никогаш веќе предавства на националните интереси

Во говорот премиерот упати и остри критики кон политичките противници, обвинувајќи ги дека до власта доаѓале преку отстапки и предавства на националните интереси. Порача дека никогаш нема да прифати нови отстапки во прашањата што го блокираат македонскиот пат кон Европската Унија и дека нема да го разочара народот со политики какви што, според него, се воделе во минатото.

Мицкоски оцени дека наместо натпревар на идеи, во јавноста се создава атмосфера на дефетизам, цинизам и омраза кон секој успех на државата. Тој ги повика граѓаните да не подлегнуваат на таквата атмосфера и нагласи дека обврска на сегашната генерација е да ја врати вербата во институциите, достоинството на чесниот човек и надежта како двигател на општеството.

Поопасен од секоја криза е моментот кога еден народ ќе престане да верува во себе, рече Мицкоски и нагласи дека нивна најголема задача во моментов не е само да управуваат со институциите, туку повторно да изградат доверба, чувство дека оваа држава повторно му припаѓа на народот, дека законите важат еднакво за сите.

– Дека чесниот човек нема да биде последен. Дека трудот ќе биде награден. Дека знаењето ќе биде почитувано. Дека младите нема да бидат принудени да ја бараат својата иднина далеку од домот, туку ќе ја гледаат токму овде, во Македонија. И затоа, кога велиме непокор, не мислиме само на непокорот на револуционерите од 1903 година. Мислиме и на непокорот против ваквите луѓе создавачи на тој талог, непокор против криминалот, против неправдата. Непокор против лидерот на опозицијата, кој мисли дека државата е нивен приватен плен. На непокорот против секој обид да се обесхрабрат чесните луѓе. На непокорот против секој што сака да ја убие вербата дека Македонија може да успее. Затоа што вистинскиот непријател на секоја држава не е само оној што ја напаѓа однадвор – рече Мицкоски во обраќањето во Пелинце.

АСНОМ не е само датум, туку завет и карактер

Осврнувајќи се на историското значење на празникот, премиерот рече дека Илинден не е само датум, туку завет и карактер. Според него, двата Илиндена – Крушевската Република од 1903 година и АСНОМ од 1944 година – претставуваат единствен историски континуитет во борбата за слободна, достоинствена и своја Македонија.

Тој истакна дека Крушево ја родило идејата дека слободата вреди повеќе од животот, а АСНОМ ѝ дал државотворна форма на таа идеја. Во тој контекст ги издвои Никола Карев и Методија Андонов-Ченто како личности што ги предводеле двата клучни процеса во македонската национална историја.

Според Мицкоски, делегатите на Првото заседание на АСНОМ свесно го поврзале својот проект со Илинденското востание од 1903 година, препознавајќи го како темел врз кој ќе се гради современата македонска држава. Тој нагласи дека историскиот континуитет меѓу двата Илиндена бил јасно вграден во основните документи на АСНОМ.

„Слободата не ни ја донесе никој однадвор“

Премиерот посебно се осврна и на Декларацијата за основните права на граѓаните, усвоена на АСНОМ, оценувајќи дека таа, инспирирана од принципите на Француската револуција, гарантирала слобода на говорот, национална припадност, вероисповед, приватна сопственост и избирачко право, вклучително и правото на глас на жените. Потсети дека автор на документот бил докторот по правни науки Владимир Полежиновски.

Во завршницата на говорот, Мицкоски порача дека македонското народноослободително движење и македонските партизани сами, со сопствени сили, ја ослободиле Македонија во Втората светска војна и со тоа го потврдиле автохтониот и самостоен карактер на македонската државност.

„Слободата на Македонија не ја донесе никој однадвор“, рече премиерот, додавајќи дека државноста е резултат на борбата на генерации познати и непознати борци за слобода.

Поврзани содржини