📽️ ЕДЕН ПОГРЕШЕН ЧЕКОР МОЖЕШЕ ДА БИДЕ КОБЕН Турист преживеа средба очи в очи со мечка
Вирална снимка од Романија прикажува турист кој останува неподвижен додека мечка му се приближува на само неколку сантиметри. Експертите предупредуваат дека ваквите средби можат да бидат смртоносни.
Еден турист доживеал вистинска драма на познатиот пат Трансфагарашан во Романија, кога мечка незабележано му се приближила на само неколку сантиметри.
Снимката од инцидентот, направена на 27 јули од друг патник кој се наоѓал во автомобил зад него, стана вирална на социјалните мрежи и предизвика бројни реакции.
На видеото се гледа како туристот ги набљудува карпите пред себе, целосно несвесен дека мечката полека му се приближува одзади. Животното доаѓа на само неколку сантиметри од него, а во еден момент дури и му ја помирисува ногата, додека мажот стои целосно неподвижен.
Дури кога мечката се нашла пред него, туристот почнал да бега. Го обиколува автомобилот од кој била снимена сцената и успева да влезе во своето возило, додека мечката накратко тргнува по него. Инцидентот бил снимен од автомобил што се движел зад туристот.
Видеото досега е прегледано повеќе од 1,3 милиони пати и собра стотици коментари. Многумина се прашуваат како туристот не забележал дека мечката му се приближува.
In Romania, a tourist was so glued to his phone that he didn’t notice a bear.
The man only saw the animal when it was right in front of him. pic.twitter.com/ILHDC1amMD
— NEXTA (@nexta_tv) July 29, 2026
Други, пак, сметаат дека тој бил свесен за присуството на животното, но намерно останал мирен за да не предизвика агресивна реакција.
„Да се помрднеше, мечката веднаш ќе тргнеше по него. Се обиде да остане целосно мирен. Да почнеше да трча, ќе го бркаше и можеби ќе го нападнеше. Постапил паметно“, напишал еден корисник.
Некои сметаат дека возачот на автомобилот зад него требало да свирне со сирената за да ја исплаши мечката, но жител од тој регион објаснил дека тоа можело да биде уште поопасно.
„Сирените повеќе не ги плашат, верувајте ми, јас сум од овој крај. Напротив, ако човекот се исплашеше од звукот и се вознемиреше, шансите мечката да го нападне ќе беа многу поголеми отколку додека мирно стоеше“, напишал тој.
Инцидентот повторно го отвори прашањето за опасноста од мечките кои често се спуштаат во близина на патот Трансфагарашан.
И покрај постојаните предупредувања од надлежните служби да држат безбедно растојание од дивите животни, голем број туристи и натаму ги запираат своите возила за да ги фотографираат или снимаат мечките од непосредна близина.