КОГА РЕШАВАЛ ЗА ПАСОШОТ НА БИЗНИСМЕНОТ МАРКОВСКИ СУДИЈАТА ОСТВАРИЛ УСЛОВИ ЗА ПЕНЗИЈА Три дена по одлуката Винца е испратен во пензија

Судскиот совет констатирал дека Винца ги исполнил условите за старосна пензија на 18.7.2026 година и дека неговото барање за продолжување на вршењето на судиската функција е доставено ненавремено, поради што не е прифатено.

40

Кога решавал за враќање на пасошот на бизнисменот Борче Марковски, претседателот на Основниот суд Струга, Вулнет Винца, веќе исполнувал услови за пензија.

Винца бил претседател на тричлениот кривичен совет кој одлучил да му го врати пасошот на битолскиот бизнисмен и почесен конзул на Белорусија во земјава, Марковски. Тој од вчера веќе не е судија поради исполнување услови за старосна пензија.






Судскиот совет го отфрли неговото барање за продолжување на вршењето на судиската функција поради ненавремено доставување на потребната изјава. Советот констатирал дека Винца ги исполнил условите за старосна пензија на 18.7.2026 година.

Винца за порталот 360 степени изјавил дека не чувствува одговорност за одлуката да му го врати пасошот на Марковски, зашто пред тоа добиле позитивно мислење од Јавното обвинителство.

– Ние ценевме, ама добивме мислење од овластениот тужител, ОЈО Струга. Не чувствувам одговорност. Имаме закажано рочиште на 2 септември. Ако не се врати, ќе му се суди во отсуство и ќе се одземе имотот – рекол Винца за 360 степени.

Од Обвинителството за порталот објасниле дека Основното јавно обвинителство Струга на 15.6.2026 година дало негативно мислење за прифаќање на ова барање. Откако одбраната поднела ново барање, јавниот обвинител го реферирал предметот во Вишото јавно обвинителство Битола. Од реферирањето е изготвен записник, при што Вишиот јавен обвинител донел заклучок со кој понискиот јавен обвинител го задолжил да поднесе позитивно мислење да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа.

Марковски откако го добил пасошот, на 29 јули заминал за Србија, каде има бизниси.

Поврзани содржини