МАЈКА ВО РОМАНИЈА ЗАСТАНАЛА ПРЕД МЕЧКА ЗА ДА ГО СПАСИ СИНОТ Детето се скрило во соседен двор

Драматичен напад во романското село Залан. Жената го одвлекла вниманието на мечката за да му овозможи на синот да се засолни во соседен двор. Животното ја нападнало со канџите, а градоначалникот најавил дека ќе пука во мечките што ќе влезат во селото.

0

Мајка е тешко повредена во напад на мечка во Романија, откако се обидела да го заштити својот син додека го носела на училиште. Mомчето успеало да побегне, додека мечката се нафрлила врз мајката и ѝ нанела длабоки рани со канџите, објави романскиот портал „Диги24“.

Нападот се случил во селото Залан, во округот Ковасна, кога мечката ненадејно се појавила зад мајката и детето. Додека момчето се засолнило во дворот на соседна куќа, животното ја стигнало жената.






Мечката ѝ нанела длабоки рани со канџите на колкот и рацете. Според градоначалникот на општината Бодок, Иштван Фодор, животното не ја каснало, а дебелата јакна што ја носела ја заштитила од потешки повреди.

Нејзините повици за помош ги слушнале локални жители, кои веднаш излегле од своите домови. На местото пристигнале и градоначалникот, ветеринар, ловец, жандарми и екипа на итната помош, но мечката веќе се повлекла и не била пронајдена.

Повредената жена била пренесена во болницата во Сфанту Георге, каде што била оперирана. Имала скршеница на карлицата, а интервенцијата траела околу два часа. По операцијата била во стабилна состојба, но лекарите продолжиле внимателно да ја следат поради ризикот од инфекција.

Нападот предизвикал остра реакција од Фодор, кој го обвинил Министерството за животна средина дека не ги слуша предупредувањата на жителите од планинските села.

Според него, мечките навлегуваат во населените места, овоштарниците, полињата со пченка и на другите земјоделски површини.

Фодор најавил дека нема да чека заловување и преселување на мечките што ќе се појават на улиците во општината, туку дека ќе бидат застрелани и дека ја презема одговорноста за таквата одлука.

Поврзани содржини