КИДНАПИРАН ГРАДОНАЧАЛНИК ОД РОМАНИЈА И ПРИНУДЕН ДА ШМРКА КОКАИН Двајца браќа и една жена го снимале за да го уценуваат
Напаѓачите се обиделе сексуално да го нападнат, го присилиле да шмрка кокаин и целиот инцидент го снимиле со телефон. Данкуш успеал да се ослободи дури откако им ветил на напаѓачите дека ќе ги исполни нивните барања, а подоцна случајот го пријавил кај надлежните органи.
Градоначалник од Романија бил киднапиран, уценуван и жртва на сексуален напад од страна на двајца бизнисмени од градот Баја Маре и една жена. За киднапирањето на Јоан Дору Данкуш осомничени се браќата бизнисмени Раул и Разван Кис (32 и 34 години) и една 34-годишна жена, поранешна вработена во општината. Случајот, кој се случил кон крајот на септември 2026 година, го обелодени романската Дирекција за истражување на организиран криминал и тероризам (ДИИКОТ) откако им одреди 30-дневен притвор за тројцата осомничени.
Осомничените го намамиле градоначалникот во стан во Букурешт, каде што го врзале, му ја залепиле устата и му ја исекле облеката. Напаѓачите се обиделе сексуално да го нападнат, го присилиле да шмрка кокаин и целиот инцидент го снимиле со телефон. Данкуш успеал да се ослободи дури откако им ветил на напаѓачите дека ќе ги исполни нивните барања, а подоцна случајот го пријавил кај надлежните органи.
Според романските медиуми, браќата Кис кои биле сопственици на градежни и угостителски фирми, сакале да му се одмаздат на градоначалникот бидејќи општинските инспектори им изрекле казни и привремено им ја затвориле работата поради разни прекршоци. Со компромитирачката снимка се обиделе да го принудат да им овозможи дозволи за дивоградби, да влијае врз судските спорови што ги имаат со општината, да прими еден од браќата во неговата партија, како и да натера локален новинар да избрише критички текстови за нив.
Тројцата уапсени се товарат за создавање организирана криминална група, противправно лишување од слобода, уцена и обид за силување, додека еден од мажите и жената се гонат и за трговија со дрога. Иако обвинителството првично не го откри идентитетот на жртвата, Данкуш јавно потврди дека станува збор за него, порачувајќи дека нема да подлегне на мафијашки уцени и дека претходно одбил и нивни обиди за поткуп.