МЕЛОНИ ЈА ПРЕДУПРЕДИ УКРАИНА ПО НАПАДОТ КАЈ ЛИБИЈА „Војната не смее да се прошири на Медитеранот“
Мелони лично побарала и добила гаранции од претседателот на Украина, Володимир Зеленски дека Киев не сака воен конфликт во Медитеранот, пишува „Ла Стампа“.
Италија ја предупреди Украина да не ја проширува војната со Русија на Медитеранот. Премиерката на Италија, Џорџа Мелони, денеска од Брисел испрати јасна порака до Киев, откако министерот за надворешни работи Антонио Тајани вчера ги оцени нападите врз руските бродови во Либија како грешка.
– Сметам дека војната не смее и не може да се прошири на Медитеранот. Мораме да бидеме многу јасни по ова прашање со нашите украински пријатели, но и со нашите партнери – изјави Мелони на маргините на самитот на Европската Унија, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.
Мелони истакна дека Италија треба да продолжи да ѝ помага на Украина во нејзината одбрана.
Тајани претходно телефонски разговарал со својот украински колега Андриј Сибиха. Тој побарал од Киев да го почитува суверенитетот на Либија.
Во интервју за весникот „Кориере дела сера“, Тајани открил дека Украина не ја известила Италија за планираните напади.
Според италијанскиот весник „Ла стампа“, Мелони лично побарала гаранции од претседателот на Украина, Володимир Зеленски. Киев го уверил Рим дека не сака воен конфликт на Медитеранот.
Нападите предизвикаа поделби и во владата на Италија. Вицепремиерот Матео Салвини предупреди дека операцијата ја загрозува безбедноста на западните сојузници на Украина.
Италија има значајни енергетски интереси во Либија, преку компанијата „Ени“. Рим соработува со либиските власти и во контролата на миграциските рути преку Медитеранот.
Франција, за разлика од Италија, застана во одбрана на украинската операција. Министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ноел Баро, се повика на правото на Украина на самоодбрана.
Украинските сили на 22 ноември нападнаа два руски брода кај либиското пристаниште Бенгази. Според Киев, била потопена корветата „Меркур“, додека товарниот брод „Ангара“, кој наводно превезувал оружје, бил оштетен.
Зеленски ја презеде одговорноста за операцијата.
Во нападот биле тешко ранети двајца либиски војници, кои подоцна им подлегнале на повредите.
Силите на генералот Халифа Хафтар, кој го контролира источниот дел на Либија, најавија одговор на украинскиот напад.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Либија има право да одговори на нападот врз нејзините војници.ж