📽️ НОВА ЕСКАЛАЦИЈА НА БЛИСКИОТ ИСТОК Експлозија во Ормуз, проектили во Заливот, ракети врз аеродром

Два танкера се погодени во близина на Саудиска Арабија, додека Иран тврди дека трет експлодирал по удар во морска мина. Ракети паднале и во комплексот на аеродромот во Аден, а саудиската војска пресретнала проектил насочен кон важен нафтен центар. Цената на нафтата достигна 110 долари за барел.

0

Нова серија напади врз танкери, ракетни удари во Јемен и пресретнати проектили над Саудиска Арабија ја заострија кризата на Блискиот Исток. Два танкера се погодени во Персискиот Залив, додека Иран тврди дека трет експлодирал во Ормускиот Теснец. Истовремено, ракети паднале врз аеродромскиот комплекс во Аден, а саудиската војска пресретнала балистичка ракета насочена кон нафтениот центар Јанбу.

Британската Организација за поморски трговски операции (УКМТО) соопшти дека добила извештаи за два напада врз танкери во близина на саудискиот брег.






Првиот брод бил погоден во петокот, на 68 наутички милји североисточно од градот Џубаил. Проектилот засега не е идентификуван.

Сите членови на екипажот биле безбедно евакуирани. Не е пријавено загадување на морето.

Вториот напад бил регистриран на 78 наутички милји од истиот град. Капетанот пријавил дека бродот бил погоден со проектил испукан од ракетен фрлач на мал чамец.

Ударот го оштетил задниот дел од танкерот. Екипажот е безбеден, но обемот на материјалната штета сè уште се утврдува.

 

Танкер со 2 милиони нафта налетал на мина

Иранската револуционерна гарда, во меѓувреме, објави дека голем нафтен танкер експлодирал во Ормускиот Теснец.

Според иранските медиуми, бродот налетал на морска мина, по што избувнал силен пожар.

Танкерот наводно превезувал повеќе од два милиони барели сурова нафта. Иранската страна тврди дека се обидувал да помине низ теснецот без одобрение.

Овие информации засега не се независно потврдени. Британската УКМТО не го коментирала пријавениот инцидент.

Ормускиот Теснец е еден од најважните светски поморски премини за транспорт на нафта. Нападите врз бродови во регионот веќе предизвикаа сериозна загриженост на енергетските пазари.

 

Ракетите паднале кога авион се припремал за полетување

Два ракетни проектила го погодиле и подрачјето на меѓународниот аеродром во Аден, на југот на Јемен.

Локалните безбедносни власти за нападот ги обвинија Хутите, вооружената група поврзана со Иран.

Во моментот на нападот, авион на „Јеменија ервејс“ се подготвувал за лет кон Каиро.

Нема пријавени жртви. Станува збор за втор напад врз аеродромот за помалку од една недела.

Хутите не ја презеле веднаш одговорноста за нападот.

Истовремено, коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти дека пресретнала балистичка ракета насочена кон градот Јанбу, на брегот на Црвеното Море.

Уништени биле и две крстосувачки ракети над Црвеното Море, како и три беспилотни летала над саудиска територија.

Јанбу има особено значење за саудискиот извоз на нафта. Преку овој центар суровата нафта може да стигне до светските пазари без да минува низ Ормускиот Теснец.

Покрај опасностите во Персискиот Залив, ракетната закана кон Јанбу го загрозува и алтернативниот извозен правец преку Црвеното Море.

 

Нафтата достигна 110 долари 

Новите безбедносни ризици веќе се одразуваат врз цените на енергенсите.

Во петокот цената на суровата нафта „брент“ накратко достигна 110 долари за барел, првпат од мај годинава.

Саудиските власти издадоа предупредувања за опасност во неколку градови на југозападот од земјата, вклучувајќи го и Абха.

Подоцна соопштија дека непосредната опасност поминала.

Во северозападниот дел на Јемен, медиумите поврзани со Хутите известија за нови напади источно од градот Саада.

Саудиската коалиција соопшти дека во таа област уништила два лансера за балистички ракети.

Продолжувањето на нападите дополнително ја влошува безбедносната состојба во Јемен, каде што повеќегодишната војна веќе предизвика тешка хуманитарна криза.

Поврзани содржини