ХОЛАНДСКИ НАРКОБОС ЧУВАН ОД СРБИ ЈА ПРЕТВОРИЛ СИЕРА ЛЕОНЕ ВО СВОЈА ТВРДИНА Се оженил со ќерката на претседателот

Холандскиот бегалец Јос Лејдекерс, баран од европските власти, изградил криминална империја во Сиера Леоне, тврди „Гардијан“. Неговата мрежа наводно заработува 150 милиони долари месечно, располага со приватно обезбедување и има влијание врз полицијата и војската.

0

Еден од најбараните криминалци во Европа живее во луксуз во една од најсиромашните африкански држави, оженет е со ќерката на претседателот и располага со вооружено обезбедување во кое има и Срби.

Холандскиот наркобос Јос Лејдекерс, според истражувањето на британскиот „Гардијан“, изградил криминална империја во Сиера Леоне, со влијание врз државните институции и со приходи што западните разузнавачки извори ги проценуваат на околу 150 милиони долари месечно.






Триесет и петгодишниот Лејдекерс, познат како „Боле Јос“, е осуден во Холандија во отсуство на повеќе од 100 години затвор за низа кривични дела, меѓу кои и обид за убиство.

Сепак, во главниот град Фритаун, според истражувањето, тој посетува луксузни ресторани и ноќни клубови, додека вооружени телохранители го следат неговото движење.

Меѓу најопасните припадници на неговото обезбедување, според „Гардијан“, има државјани на Србија, Турција и Холандија. Тие носат пиштоли и автоматско оружје, однапред ги проверуваат маршрутите и често ги менуваат автомобилите.

Лејдекерс успеал да се поврзе и со политичкиот врв. Се оженил со Агнес Био, ќерката на претседателот на Сиера Леоне, Џулиус Мада Био, со која во јануари годинава добил ќерка.

Истражувањето наведува дека влијателни функционери му помогнале да обезбеди дипломатски пасош, иако холандските власти го бараат неговото екстрадирање.

Фото: Принтскрин

Колона полуксузна од претседателската

Неговото појавување во Сиера Леоне во октомври 2022 година било речиси филмско.

Колона од шест луксузни автомобили поминала низ Фритаун кон познатата плажа Ламли. Според сведочењето на полицаец, придружбата изгледала пораскошно дури и од претседателската.

Кога полицајците ги проследиле возилата до луксузна куќа покрај морето, меѓу гостите на мистериозниот странец ги препознале сопствените претпоставени.

Подоцна, европските истражители утврдиле дека станува збор за бегалецот што го барале со години.

Неговата криминална мрежа, според разузнавачките процени, го користи пристаништето во Фритаун за транспорт на кокаин од Јужна Америка кон Европа.

Поединечни функционери наводно добивале околу 2.000 долари месечно за соработка, повеќе од 30 пати над просечните примања во земјата.

Размерите на шверцот ги покажала операцијата на шпанската полиција во мај годинава.

На товарниот брод „Арконијан“, кој испловил од Фритаун, биле откриени 1.279 бали кокаин, со проценета тежина меѓу 30 и 45 тони.

Вредноста на дрогата била проценета на неверојатни 812 милиони евра.

Особено впечатливо било што балите речиси воопшто не биле сокриени. Биле наредени во бродското складиште, како обичен товар.

Покрај нив имало шест вооружени чувари. При полициската интервенција, двете страни биле со вперено оружје, но престрелка била избегната.

Деветмина исчезнале, ниту еден пронајден

Зад богатството на Лејдекерс се кријат и сомневања за сериозни злосторства.

Извори на „Гардијан“ ја поврзуваат неговата организација со најмалку 14 убиства во Сиера Леоне, вклучувајќи и смртни случаи на полициски службеници.

Во октомври 2025 година, вооружени маскирани лица киднапирале тројца мажи од центарот на Фритаун. Меѓу нив бил и познатиот фудбалер Алусин Корома.

Во следните денови исчезнале вкупно девет лица. Ниту едно не е пронајдено.

Полициски извори се сомневаат дека киднапирањата биле поврзани со предавство во зделка со кокаин.

Тројца осомничени биле уапсени, но истражителите тврдат дека нивните претпоставени интервенирале и овозможиле да бидат ослободени истиот ден.

Во друг случај, според сведочења, четириесетина вооружени војници пристигнале во складиште со кокаин и ги принудиле полицајците да ги ослободат осомничените.

Постојат и тврдења дека дел од исчезнатите биле убиени, а нивните тела уништени или тајно закопани. Овие наводи не се независно потврдени.

Сомневања предизвикале и смртни случаи на полициски службеници што ја истражувале криминалната мрежа.

Тројца загинале во сообраќајна несреќа, а четвртиот бил пронајден обесен. Официјалните објаснувања се разликуваат од сомневањата на изворите блиски до истрагата.

Европа плаќа, наркобосот ја шири мрежата

Истражувањето отвора и непријатни прашања за Европската Унија, која со години вложува во развојот и безбедноста на Сиера Леоне.

Брисел одобрил пакет помош од 352 милиони евра до 2027 година, од кои, според „Гардијан“, веќе биле исплатени 245 милиони.

Во јуни годинава ЕУ ѝ предала на морнарицата на Сиера Леоне два брзи чамца, наменети токму за борба против шверцот.

Холандскиот министер за правда Давид ван Вел побарал посилен притисок врз властите во Фритаун, вклучително и запирање дел од европската помош.

Досега, според истражувањето, биле суспендирани 18 милиони евра.

Истовремено, криминалната мрежа на Лејдекерс наводно се проширила во Либерија, Гвинеја Бисао и Гана.

Но, серијата големи заплени почнала да ја загрозува неговата империја. Истражителите сметаат дека загубите би можеле да го доведат во судир со колумбиските криминални организации.

Во септември, десетици вооружени напаѓачи нападнале складиште во холандското село Овераселт, поради сомневање дека таму завршил украден кокаин.

Во нападот загинал еден чувар, двајца полицајци биле тешко ранети, а 34 лица биле уапсени.

Според истражителите, напаѓачите барале 1,2 тони кокаин вреден околу 50 милиони евра, верувајќи дека пратката ја украле ривалски криминалци.

Но, дрогата всушност претходно ја запленила полицијата.

Поврзани содржини