Република Бугарија и нејзиниот институционален „демократски“ вандализам кон Република Македонија
Опасноста лежи во фактот што Европската Унија дозволи билатерални историски и идентитетски прашања да станат дел од процесот на пристапување. Со тоа Брисел создаде опасен преседан според кој европската перспектива на една држава може да биде условена не со европските критериуми, туку со националните митологии на друга држава-членка.
Во современа Европа ретко се случува една држава-членка на Европската Унија толку отворено и систематски да ги злоупотребува демократските механизми за да оспорува идентитетски и историски права на друг народ. Токму затоа однесувањето на Република Бугарија кон Република Македонија во последните години заслужува да биде именувано со поостар, но суштински попрецизен термин институционален ,,демократски’’ вандализам.
Вандализмот обично се поврзува со физичко уништување на материјални добра. Но постои и поопасна форма на вандализам, а таа е онаа што се спроведува преку институции, резолуции, декларации, дипломатски условувања и злоупотреба на правото на вето. Тоа е вандализам кој не руши згради, туку руши достоинство. Не уништува споменици, туку се обидува да избрише колективна меморија. Не освојува територии, туку настојува да редефинира идентитет.
Парадоксот и апсурдот се уште поголеми затоа што сето тоа се прави во име на европските вредности, демократијата и добрососедството. Бугарија не бара од Македонија реформи во владеењето на правото, борбата против корупцијата или јакнењето на демократските институции. Тоа би биле легитимни европски барања. Наместо тоа, официјална Софија инсистира Република Македонија да прифати бугарска интерпретација на историјата, културата, јазикот и идентитетот на својот најблизок сосед, нешто што не претставува европски стандард, туку обид за политичко и институционално наметнување на туѓ национален наратив. Во суштина, тоа претставува обид за институционализација на историската вистина според мерка на посилниот.
Особено загрижува фактот што овие политики не се производ на поединечни политичари или моментални влади. Тие претставуваат редок пример на национален консензус во бугарскиот политички систем. Парламентот, претседателот, владите од различни политички бои, академските кругови и голем дел од јавноста настапуваат од иста позиција кога станува збор за македонското прашање. Тоа покажува дека проблемот не е персонален, туку длабоко институционален.
Токму затоа Македонија не се соочува со политички спор, туку со системски државен проект насочен кон релативизирање на македонскиот национален идентитет. Најголемата опасност, сепак, не лежи во бугарските барања. Секоја држава има право да ги брани своите национални позиции, колку и да се спорни тие. Опасноста лежи во фактот што Европската Унија дозволи билатерални историски и идентитетски прашања да станат дел од процесот на пристапување. Со тоа Брисел создаде опасен преседан според кој европската перспектива на една држава може да биде условена не со европските критериуми, туку со националните митологии на друга држава-членка.
На тој начин проблемот престанува да биде само македонско-бугарски. Тој станува европски проблем.
Ако денес е дозволено Македонија да биде условувана со прифаќање на одредена историска вистина, тогаш утре истото може да биде применето и врз други народи и држави. Демократијата тогаш престанува да биде систем на еднакви права и се претвора во механизам преку кој посилниот ја наметнува својата верзија на вистината.
Историјата нè учи дека идентитетите не можат да се создаваат со декрет, но уште помалку можат да се избришат со вето. Македонскиот народ не настанал со одлука на Европскиот совет, ниту ќе исчезне поради одлука на бугарскиот парламент или поради ставовите на врвните државни функционери. Македонскиот јазик не постои затоа што некој му дал дозвола да постои, туку затоа што со векови бил говорен, пишуван и живеен од генерации Македонци. Националната самосвест не е административна категорија што може да се преговара на дипломатска маса.
Затоа суштинското прашање денес не е дали Македонија ќе ги исполни бугарските барања.
Прашањето е дали Европа ќе успее да ги одбрани сопствените принципи од оние кои се повикуваат на нив, а истовремено ги поткопуваат. Едно мора на сите да им биде кристално јасно: кога демократијата се користи како алатка за негирање на идентитетот на другите, тогаш таа престанува да биде демократија и се претвора во институционален „демократски“ вандализам. А токму тоа е она што Македонија го чувствува веќе неколку години од својот источен сосед.
Проблемот не е што Бугарија има право на вето. Такво право има секоја земја-членка на Европската Унија. Впрочем, билатерални спорови имало и порано. Словенија ја блокираше Хрватска поради граничниот спор во Пиранскиот Залив. Во процесот на европската интеграција постоеле и други несогласувања како на пример меѓу Италија и Словенија околу имотните права, меѓу Австрија и Словенија околу малцинските прашања, како и меѓу Унгарија и Словачка околу правата на националните заедници. Во моментов постои спор помеѓу Хрватска и Црна Гора како идна потенцијална членка на ЕУ. Но сите тие спорови се однесуваа на граници, имот, територијални прашања или малцински права. Ниту во еден од нив како услов за европска интеграција не беше поставено прифаќање на туѓа интерпретација на сопствената историја, јазик и национален идентитет.
Македонскиот случај е поинаков. За првпат во европската практика предмет на политичко условување станаа историјата, јазикот, културата и националниот идентитет на еден народ. Токму тука се наоѓа и недоследноста на Европската Унија. Со децении Брисел тврдеше дека проширувањето се темели на Копенхашките критериуми – демократија, владеење на правото, човекови права и функционална пазарна економија. Во случајот со Македонија, покрај овие критериуми се појавија и барања кои не можат да се најдат во ниту еден европски договор, директива или регулатива. Така ветото престана да биде инструмент за заштита на национални интереси и се претвори во средство за арбитрирање за идентитетските и историските прашања на еден кандидат за членство.
Сето ова нѐ враќа на насловот на овој текст. Не ми е својствено да навредувам, ниту да користам тешки квалификации кога станува збор за политички процеси и меѓудржавни односи. Но како поинаку да се нарече ситуација во која една држава толку безочно и нахално се обидува да интервенира врз она што не ѝ припаѓа, врз историското паметење, културното наследство, јазикот и правото на самоидентификација на друг народ?
Како поинаку да се опише обидот преку политички притисоци, институционални механизми и европски процедури да се наметне сопствената интерпретација како единствено дозволена вистина? Како поинаку да се именува настојувањето еден народ да биде убеден дека не е тоа што самиот знае дека е?
Токму затоа го употребувам изразот „институционален демократски вандализам“. Не како навреда, туку како опис на политика која, наместо да гради доверба меѓу соседите, настојува да навлезе во најчувствителните сфери на колективниот идентитет. Зашто кога предмет на политичко условување стануваат историјата, културата, јазикот и националната самосвест на друг народ, тогаш веќе не зборуваме за добрососедство, туку за обид за недозволиво и недемократско институционализирано оспорување на правото на еден народ да биде тоа што е.
А ако во третата деценија на XXI век, во Европа која се повикува на демократијата, човековите права и почитувањето на различностите, сѐ уште постои потреба од вакви политики, тогаш прашањето не е само каков проблем има Македонија со Бугарија. Прашањето е каков проблем има Европа сама со себе и со вредностите што тврди дека ги брани. Демократијата не се мери според правото на посилниот да ја наметне својата вистина, туку според способноста да го почитува достоинството и правото на самоидентификација на другиот. Доколку Европа го заборави тоа, тогаш проблемот одамна престанал да биде само македонски. Тој станал европски.