📽️ СПЕКТАКУЛАРЕН СТАРТ НА СП 2026 Четири гола, три црвени картони и две големи победи
Мексико ја совлада Јужна Африка со 2-0 пред преполната „Ацтека“, додека Јужна Кореја со пресврт ја победи Чешка со 2-1 во првото коло од Групата А.
Пред 85.000 гледачи на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити, Мексико со 2-0 ја совлада Јужна Африка и го отвори Мундијалот со победа.
Мексиканците тргнаа силно уште од првите минути, а иницијативата ја крунисаа во 9. минута кога Кињонес ја искористи грешката во одбраната и ја затресе мрежата на африканската селекција.
Иако домаќините пропуштија неколку одлични можности, прашањето околу победникот беше решено во 67. минута. Хименез ја удвои предноста, откако Јужна Африка од почетокот на второто полувреме играше со фудбалер помалку по исклучувањето на Ситоле.
Натпреварот заврши нервозно, па бразилскиот судија Сампајо покажа уште два црвени картони. Во 84. минута беше исклучен Зване од Јужна Африка, а во судиското продолжение и Монтес од мексиканската репрезентација.
Во вториот натпревар од групата, одигран во мексиканскиот град Запопан, Јужна Кореја со пресврт ја совлада Чешка со 2-1.
Чесите, кои повторно настапуваат на Светско првенство по пауза од две децении, поведоа во 59. минута преку Ладислав Крејчи, иако претходно беа под силен притисок од азиската селекција.
Само осум минути подоцна Хванг Ин-Бом израмни на 1-1 и ја врати неизвесноста.
Чешка помисли дека повторно стигнала до водство кога Соучек ја затресе мрежата во 77. минута, но ВАР интервенцијата потврди офсајд и голот беше поништен.
Пресвртот беше комплетиран десет минути пред крајот, кога Хјвон Гју Ох од непосредна близина го совлада чешкиот голман за конечни 2-1.
До последниот судиски свиреж Чешка имаше уште две големи шанси преку Хложек и Садилек, но немаше прецизност за освојување бод.
По првото коло, Мексико и Јужна Кореја имаат по три бода во Групата А, додека Јужна Африка и Чешка остануваат без освоен бод.