УКРАИНА ЈА ОТВОРИ ПАНДОРИНАТА КУТИЈА Кремљ предупредува дека Киев ги вовлекува Европејците подиректно во војната
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков тврди дека заканата со дронот кон авионот на украинскиот претседател Володимир Зеленски на аеродромот во Кишињев била измислена, како и дека Украина ќе продолжи да се обидува со провокации.
Украина се обидува со провокации и, според сите извештаи, ќе продолжи да се обидува, со цел да ги привлече своите западни сојузници уште подлабоко и подиректно во војната, рече на денешниот брифинг портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Тој рече дека провокациите на режимот во Киев се под посебно внимание на руските разузнавач.ки служби.
– Нашите служби обрнуваат големо внимание на ова и си ја вршат својата работа – рече тој.
Тој се осврна и на апсењето на поранешниот обезбедувач на британската амбасада во Москва, за кој се вели дека бил агент на Украинската служба за безбедност (СБУ).
Песков верува дека губењето на контролата врз потезите на Киев треба да ја загрижи Европа.
– Во теорија, ова треба да биде причина за сериозна загриженост во европските престолнини – рече тој.
Портпаролот на Кремљ тврди дека заканата со дронот кон авионот на украинскиот претседател Володимир Зеленски на аеродромот во Кишињев била измислена.
– Таа фиктивна закана никогаш не постоела, а тоа веќе го потврдија во Киев – рече тој.
Песков рече дека рускиот претседател Владимир Путин секојдневно разговара со воените претставници за прашања поврзани со специјалната воена операција, меѓу кои и за мерките за заштита на руските објекти од украинските напади.
– Претседателот секојдневно ги дискутира сите овие теми, како и други детали од операцијата, со претставници на одбраната и се преземаат соодветни мерки – рече тој.
Тој верува дека украинските власти се свртуваат кон терористички активности затоа што не успеваат да ја променат ситуацијата на фронтовската линија.
– Бидејќи не можат да ја сменат јасната динамика на фронтот, Украинците прибегнуваат кон такви терористички акции – вели Песков.
Според него, голем број трговски бродови во Црното Море се користат за транспорт на оружје за украинската армија. Тој објави дека ги уништуваат тие бродови и најави дека ќе продолжат да го прават тоа. Нагласи дека нападите врз бродовите не можат да ги нарушат односите меѓу Русија и Турција.
Песков, исто така, тврдеи дека Русија не ги започнала нападите врз бродовите.
– Откако Украинците почнаа да ја таргетираат нашата цивилна инфраструктура и економските објекти, тие ја отворија Пандорината кутија – рече Песков.
Песков верува дека Латвија ќе изгуби многу ако воведе тарифи за жито од Русија и од Белорусија. Тој додаде дека трговските војни продолжуваат и дека Латвија се чини дека пронашла инспирација во „прекуокеанските методи за решавање на царинските проблеми“.
– Глобалните пазари се многу пошироки од самата Латвија и секогаш има алтернативни дестинации – рече Песков.
Песков рече дека многу членки на БРИКС се соочуваат со нелегални ограничувања и бараат начини за меѓусебно плаќање.
– Многу земји во рамките на БРИКС страдаат од притисок и нелегални ограничувања наметнати од трети страни. Природно е овие земји, како дел од економската соработка, да бараат начини за олеснување на меѓусебните плаќања, како што е создавањето заеднички инвестициски платформи и слично – објасни тој.
Тој потврди дека овие теми ќе бидат на дневен ред на претстојниот самит.