ЕН ХАТАВЕЈ ДЕСЕТ ГОДИНИ БИЛА РЕЧИСИ СЛЕПА Холивудската ѕвезда не гледала со левото око и на крајот морала да се оперира
Можеби ова е премногу лична информација, но десет години бев полуслепа. Не сфаќав колку состојбата се влошила сè додека повторно не можев да го видам целиот спектар, вели Ен Хатавеј
Холивудската ѕвезда Ен Хатавеј откри дека десет години во тајност се борела со сериозен здравствен проблем, сѐ додека не се подложила на операција.
– Можеби ова е премногу лична информација, но десет години бев полуслепа. Тоа толку многу влијаеше на мојот вид што практично бев законски слепа на левото око и на крајот морав да одам на операција. Не сфаќав колку состојбата се влошила сè додека повторно не можев да го видам целиот спектар. Оттогаш се чувствувам многу посмирено. Не бев свесна дека тоа всушност го оптоварува мојот нервен систем – изјавила Хатавеј.
– Го ценам видот затоа што чувствувам дека секој ден откако ќе се разбудам и можам да гледам на начинот на кој гледам, тоа е вистинско чудо. Често помислувам дека пред две генерации тоа немаше да биде можно за некој како мене. Затоа навистина се чувствувам поврзана со таков вид „чудо“ – додала актерката.
Таа за својата здравствена состојба проговори демантирајќи ги гласините дека се подложила на естетски зафати. Иако ретко го коментира својот приватен живот, актерката овојпат решила да одговори на бројните шпекулации.
– Живееме во време кога луѓето се чувствуваат многу сигурни во претпоставките што ги претставуваат како факти. Понекогаш се во право, а понекогаш не. Шпекулациите станаа толку гласни што чувствував потреба да ја кажам вистината. Веројатно секогаш ќе се прашувам дали требаше да го кажам ова или едноставно требаше да продолжам да го правам она што ме прави среќна и самоуверена на црвениот тепих. Но чувствував дека разговорот стануваше премногу наметлив. Сакав да докажам дека не сум донела некаква голема медицинска одлука. Можеби еден ден ќе направам фејслифтинг – објаснила Хатавеј.
Актерката во март го привлече вниманието на јавноста по појавувањето на свеченото доделување на Оскарите. На црвениот тепих се појави во елегантен црн фустан со цветни мотиви. Но креацијата остана во сенка поради коментарите за нејзиниот младешки изглед, по што, на социјалните мрежи се појавија бројни реакции и шпекулации за можни естетски интервенции.
Сепак, актерката тврди дека не правела никакви естетски зафати и дека нејзиниот изглед не е резултат на пластична хирургија.