УАПСЕНА АМЕРИКАНСКАТА ГЛУМИЦА ШАРЛОТ АЈАНА Ја обвинуваат дека удрила полицаец и расфрлала човечка пепел

Актерката, која ја освои титулата Мис тинејџерка на САД во 1993 година, се соочува со три прекршочни обвиненија по инцидент во Западен Холивуд. Таа тврди дека апсењето било незаконско и дека не ѝ била дадена можност да ја раскаже својата страна.

52

Американската актерка Шарлот Ајана, најпозната по улогата на сопругата на ликот што го игра Итан Хок во филмот „Ден за обука“ (Training Day) од 2001 година, е уапсена во Западен Холивуд по инцидент во приватен дом. Според информациите што ги објави ТМЗ, полицијата ја истражува поради наводни закани со смрт, физички напад и расфрлање пепел од кремирано лице низ куќата. Властите тврдат и дека за време на интервенцијата удрила полициски службеник.

Инцидентот се случил на 8 октомври, кога полицајците дошле на адресата по повик за проверка на состојбата на едно лице. Според полициските наводи, лицето што го пријавило случајот тврдело дека Ајана му се заканувала со смрт и физички го нападнала, а потоа расфрлала човечки пепел низ домот. За време на интервенцијата, според властите, актерката со нога удрила и еден од полицајците.






Обвинителството поднело три прекршочни обвиненија против неа: за физички напад, злоупотреба на постаро лице или зависно возрасно лице и напад врз полициски службеник. Ајана се соочува со судска постапка, а според ТМЗ, кауцијата е одредена на 50.000 долари.

Актерката ги отфрлила обвинувањата во изјава за ТМЗ.

– Тоа беше неправедно, незаконско и лажно апсење. Не само што не ми беа прочитани моите права, вклучително и правата според Миранда, туку воопшто не бев ни сослушана – изјавила таа. Нејзината вина не е утврдена, а случајот треба да помине низ судската постапка.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Charlotte Ayanna (@charlotteayanna_)

Ајана е родена како Шарлот Лопез, а пошироката јавност ја запозна по победата на изборот за Мис тинејџерка на САД во 1993 година, кога ја претставувала сојузната држава Вермонт. Подоцна се посветила на актерството и се појавила во филмовите „Денови за обука“, со Дензел Вашингтон и Итан Хок и „Love the Hard Way“, во кој глумеше со Ејдриен Броди. Во 2002 година ја освои наградата за најдобра актерка на Меѓународниот фестивал на акциони и авантуристички филмови во Валансиен, Франција, за улогата во „Love the Hard Way“.

Нејзиниот живот бил обележан и со тешко детство. Таа е коавторка на книгата „Lost in the System“ од 1996 година, во која пишувала за своите искуства како дете во системот на згрижување. Подоцна била поврзувана и со застапување за правата на децата без соодветна родителска грижа. Сега, по години далеку од насловните страници, повторно е во центарот на вниманието поради сериозните обвиненија, за кои конечниот збор ќе го има судот.

Поврзани содржини