Адвокат, организатор на бегство или манипулатор со јавноста?

Веќе не е доволно да се зборува само за бегството. Мора да се испита дали адвокатот бил негов организатор, активен помагач или соучесник во евентуални противправни дејствија. Тоа не е прашање на политички став, туку на конкретна кривичноправна и дисциплинска одговорност, која мора да се утврди врз основа на докази.

0

 

Од сè што вчера и утрово прочитав за околностите под кои, и покрај постоењето судски определени мерки, била напуштена македонската територија, најмногу ме запрепастија јавните изјави на бугарскиот адвокат Николај Димитров. Не поради неговата улога на бранител, туку поради зачудувачката леснотија со која, преку сопствените изјави, практично открива дека бил непосредно вклучен во преминувањето на државната граница, отворајќи сериозни сомневања за неговата улога во организирањето и овозможувањето на заминувањето спротивно на судските ограничувања.






Но, она што особено ми го привлече вниманието е неговата изјава дека не сака да открие на кој граничен премин поминале, за да не им создаде проблеми на луѓето што им помогнале.

Цццццццц. Молам?! Какви помагачи адвокате? Кој ви помогнал, како ви помогнал и зошто тие луѓе би имале проблеми ако сè било законски?

Според мене, токму во оваа изјава се наоѓа суштината на целиот случај. Адвокатот не е случаен набљудувач, ниту некој што дополнително дознал за настанот. Од неговите сопствени зборови произлегуваат сериозни индиции дека можеби имал активна улога во организацијата и реализацијата на заминувањето спротивно на судските ограничувања. Уште повеќе изненадува неговото признание дека постапувањето можело да претставува прекршување на судските мерки, но дека се раководеле од потребата за лекување.

Па, зарем адвокат, кој по дефиниција треба да биде заштитник на правото, може самоволно да одлучува кои судски одлуки ќе се почитуваат, а кои ќе се заобиколуваат?

Од кога адвокатската легитимација претставува дозвола за непочитување на судските одлуки?

Секако дека постои право на лекување. Но постојат и законски процедури за измена или укинување на судските ограничувања. Адвокатот мора тоа да го знае подобро од кој било друг. Неговата професија не му дава право да ја преземе улогата на судија и сам да одлучува кога една судска мерка престанува да важи.

Затоа, сметам дека веќе не е доволно да се зборува само за бегството. Мора да се испита дали адвокатот бил негов организатор, активен помагач или соучесник во евентуални противправни дејствија. Тоа не е прашање на политички став, туку на конкретна кривичноправна и дисциплинска одговорност, која мора да се утврди врз основа на докази.

Особено е симптоматично што, според досега објавените официјални информации, не постои евидентиран легален премин на границата, додека адвокатот тврди дека биле покажани документи на двете страни. Оваа противречност не смее да остане без одговор.

Очекувам Јавното обвинителство, во соработка со надлежните институции, да ги испита сите околности, вклучувајќи ги и постапките на адвокатот и лицата за кои тој самиот тврди дека им помогнале. Истовремено, неговото постапување заслужува сериозна проверка и од надлежните адвокатски дисциплински органи.

Господине Димитров, ако сè било законски, зошто одбивате да откриете на кој граничен премин поминавте и кои се луѓето што ви помогнале? Од какви проблеми се обидувате да ги заштитите? Дали сте биле само адвокат, дали сте имале непосредна или посредна улога во организирањето на бегството или, пак, со своите противречни изјави се обидувате да ја замајувате јавноста?

Сметам дека ова се прашања на кои надлежните институции мора да дадат одговор. Адвокатот е должен да го брани својот клиент со законски средства, а не да му помага да го избегне законот. Притоа, не е пресудно само дали лично учествувал во противправното дејствие, туку и дали свесно придонел за неговото организирање или извршување.

Границата меѓу бранител и соучесник се преминува тогаш кога адвокатот, наместо да го користи законот за одбрана на својот клиент, свесно учествува во неговото прекршување. Ако тоа се докаже, одговорноста не смее да изостане. Адвокатската тога не смее да биде штит од одговорност!

Сега на потег се надлежното Јавно обвинителство и еснафските органи на бугарската адвокатура. Особено очекувам надлежните органи на адвокатурата да испитаат дали Николај Димитров со своето постапување го прекршил Етичкиот кодекс на адвокатите, имајќи предвид дека член 132, точка 10 од бугарскиот Закон за адвокатурата изречно го предвидува нарушувањето на угледот и достоинството на професијата и повредата на професионалната етика и морал како дисциплинска повреда.

Според мене, доколку се потврдат сомневањата за неговата свесна вмешаност во заобиколувањето на судските мерки, би станувало збор за особено тешка дисциплинска повреда, за која мора да следува соодветна санкција.

И токму тука ќе се покаже колку доследно се почитуваат и применуваат европските принципи и вредности на владеење на правото, на кои Бугарија толку често и гласно се повикува.

Зашто европските вредности не се докажуваат со декларации, туку со нивна доследна примена, особено кога треба да се утврди одговорноста на оние што професионално се повикани да го штитат законот.

Поврзани содржини