ЈА ВОДЕШЕ АНГЛИЈА, СЕГА ЕДВАЈ ГЛЕДА ФУДБАЛ Саутгејт открива дека на крајот не го радувале ни победите
Поранешниот селектор не се гледа повторно на премиерлигашка клупа. Последен пат бил на стадион кога неговиот Кристал Палас го освоил ФА купот.
Герет Саутгејт, селекторот што ја одведе англиската фудбалска репрезентација до 2 европски финалиња, денеска едвај гледа фудбал. Поранешниот селектор откри дека кон крајот на мандатот радоста од победите му траела само неколку минути и дека не се гледа повторно како тренер во Премиерлигата.
Неговото признание од подкастот на Амол Раџан го пренесува „Гардијан“.
Саутгејт замина по поразот од Шпанија во финалето на Европското првенство во 2024 година. Денеска, на 56 години, интересите ги насочува надвор од теренот.
Последниот натпревар што го гледал од трибините било финалето на ФА купот во мај 2025 година. Тогаш Кристал Палас, клубот за кој навива од детството, го победи Манчестер сити.
Сепак, оддалечувањето од фудбалот му донело задоволство. Наместо неделниот резултат да му го одредува расположението, сега ужива во новите искуства.
– Уживав во последните 18 месеци од мојот живот – рече Саутгејт.
Поранешниот селектор се посветил на медиумски проекти, патувања и разговори за лидерството. Годинава учествувал и во документарец на Би-Би-Си за предизвиците со кои се соочуваат момчињата и младите мажи.
Саутгејт ја водеше Англија од 2016 до 2024 година и ја донесе до 2 последователни европски финалиња, како и до полуфиналето на Светското првенство во 2018 година. Репрезентацијата под негово водство одигра 102 натпревари, а финалето на ЕП 2020 беше првото англиско финале на голем турнир по светската титула во 1966 година. Трофејот му избега, но резултатите го вброија меѓу најуспешните англиски селектори.
Неговата играчка кариера, пак, ја одбележа еден промашен пенал. Саутгејт забележа 57 настапи за Англија, но остана запаметен по ударот што германскиот голман го одбрани во полуфиналната пенал-серија на ЕП 1996 на „Вембли“. Англија тогаш испадна пред својата публика. Две децении подоцна, фудбалерот што ја понесе тежината на тој пораз се врати во националниот тим како селектор.