ЕВЕ ЗОШТО СЕ СЛОВЕНЦИТЕ ПОПАМЕТНИ ОД НАС Обновуваат ски-центар што може да им донесе милиони евра
За три години ќе скијаме на највисоките делови на Јулиските Алпи, од Канин во Словенија до Села Невеа во Италија. Ќе биде тоа „погон“ за правење пари. А ние на Попова Шапка? Ќе правиме мастер-планови и проекти - за санкање.
Додека низ Европа малите ски-центри на ниска надморска височина еден по еден ги гасат жичниците поради недостиг од снег, Словенците решија да вложат големи пари таму каде што снегот има многу поголема шанса да преживее – високо на планината. За обнова на Канин, највисокиот ски-центар во Словенија, државата треба да обезбеди околу 60 милиони евра, а јужнотиролскиот производител на жичници „Лајтнер“ се очекува да вложи уште околу 25 милиони евра. Целиот проект претходно беше проценуван на околу 100 милиони евра.
Канин се издига над Бовец до повеќе од 2.500 метри и се наоѓа во еден од најснежните делови на Јулиските Алпи. Центарот не работи од есента 2023 година, откако поради дотраеност беше запрена главната гондола од Бовец. Словенците решија дсшак да не го отпишат. Планот е целосна модернизација: нова гондола од долината, нови четириседи, систем за вештачки снег и повторно поврзување со италијанскиот центар Села Невеа, со што би се обновило прекуграничното скијалиште Словенија–Италија. Ако финансирањето, дозволите и изградбата одат според планот, како можен термин за целосно враќање во функција се спомнува сезоната 2029/2030.
Европа полека ги гаси ниските скијалишта
Зад словенечката инвестиција има и многу поширока економска логика. Климатските промени веќе ја менуваат картата на европското скијање. Големата студија објавена во „Nature Climate Change“, која опфати 2.234 ски-центри во 28 европски земји, проценува дека при глобално затоплување од 2 Целзиусови степени, без производство на вештачки снег, 53 отсто од европските центри би биле изложени на многу висок ризик од недостиг на снег. При затоплување од 4 степени, таков ризик би имале дури 98 отсто.
Трендот веќе не е само теорија. Во септември годинава, австрискиот ски-центар Унтерберг во Долна Австрија објави дека дефинитивно престанува со работа. Две зими по ред не успеал да отвори ниту еден ден поради недостиг од природен снег. Во Салцбуршкиот регион, пак, Гајсау-Хинтерзе со 34 километри патеки веќе три години стои затворен, а новите планови се насочени кон целогодишен туристички модел, наместо кон класично потпирање само на скијањето.
Во Италија сликата е уште подраматична. Според податоците објавени во 2026 година, бројот на трајно ставени надвор од употреба ски-лифтови се удвоил за само пет години – од 132 во 2020 на 265 во 2025 година. Уште во извештајот „Nevediversa 2024“ беа регистрирани 260 целосно напуштени постројки, 177 привремено затворени и 93 што работеле само повремено. Монте Сан Примо над езерото Комо е симболичен пример: старите лифтови со години не работат, а локалната дебата се води околу прашањето дали воопшто има смисла повторно да се вложуваат милиони евра во скијање на височини малку над 1.000 метри.
Франција ја доби можеби најпознатата жртва на новата клима во 2023 година. Ла Самби во Горна Савоја, центар кој работеше околу шест децении, беше трајно затворен откако сезоната се скрати до точка на економска неодржливост. Центарот почнуваше на околу 1.200 метри, а последната сезона работеше само неколку недели. Предноста на високите центри се гледа и по фактоѕ што уште за време на екстремно топлата зима 2022/2023, францускиот „Les Deux Alpes“, каде речиси 70 отсто од патеките се над 2.000 метри, имаше снег и беше целосно резервиран за божикните и за новогодишните празници.
Снегот се сели нагоре, а парите одат по него
Тоа е новата реалност на европскиот зимски туризам: капиталот сè повнимателно ќе гледа на надморската височина, експозицијата на теренот и можноста за долга сезона. Научниците од Универзитетот во Бајројт предупредуваат дека намалувањето на природната снежна покривка ќе го турка ски-туризмот кон повисоките планински подрачја. Производството на вештачки снег може да купи време, но не може бесконечно да ја надоместува температурата – за производство на снег е потребно да биде доволно студено.
И тука доаѓаме до македонскиот парадокс. Попова Шапка веќе се наоѓа на околу 1.800 метри, а над неа Шар Планина нуди огромни пространства на 2.000, 2.200, 2.500 и повеќе метри. Церипашина достигнува околу 2.525 метри, а планината има повеќе врвови над 2.500 метри. Дополнително, со децении стручњаците укажуваат на Јелак и на северно ориентираните падини како природен правец за проширување на скијалиштето. Тоа е ресурс што во време на климатски промени станува шанса за значајна и исплатлива инвестиција во туризмот – единствената таква во Македонија.
Плусинфо уште во 2022 година пишуваше за оценката на познавачот на Шара Жарко Трпкоски дека развојот мора да оди кон повисоките падини кај Баубинова Стена и Церипашина, а приоритетно кон Јелак и северните падини, со „база“ во месноста Сидол и Шипковачките бачила. Тој потсетуваше и на старите студии за Попова Шапка–Јелак, според кои просторот има капацитет за скијалиште за најмалку 18.000 скијачи. Со други зборови, природата ни го дала она што европската ски-индустрија денес го бара височина, северни експозиции и огромен простор за развој.
Кај нас милионските инвестиции остануваат на хартија
Планови, сепак, не ни недостигаат. Во 2022 година, италијанскиот „ТехноАлпин“ беше најавен како стратешки инвеститор што требаше да ја трансформира Попова Шапка. Проектот што подоцна беше презентиран тежеше околу 186 милиони евра и предвидуваше шест фази, 16 нови скијачки патеки, девет нови жичници, автоматизиран систем за производство на снег, два резервоари за вода, нови хотели, паркинзи и друга инфраструктура. Првата фаза требаше да чини околу 55 милиони евра. Една година подоцна Плусинфо веќе прашуваше каде исчезна инвеститорот. Проектот не се реализира.
Во мај годинава премиерот Христијан Мицкоски повторно соопшти дека се преговара со сериозен инвеститормза Попова Шапка и дека се разгледува нова жичница, на друга траса од старата Тетово – Попова Шапка. И тука засега сме кај преговорите и кај најавите. Да се надеваме дека овие најави нема да останат мртво слово на хартија.
Во меѓувреме, најсвежата конкретна „инвестиција“ на Попова Шапка се новите електронски порти за скенирање на билетите поставени пред жичниците и ски-лифтовите. Корисна работа, секако, но тешко дека е одговор на прашањето што ќе правиме со апсолутно најголемиот туристички потенцијал што го има Македонија.
Ете, тука се гледа зошто Словенците во случајов се попаметни од нас. Тие имаат затворен и застарен ски-центар на планина висока над 2.500 метри и, наместо да го остават да пропаѓа, подготвуваат инвестиција од десетици милиони евра за да го вратат во европската скијачка игра. Македонија ги има Попова Шапка и Шар Планина, терени што во новата климатска реалност може да станат уште поконкурентни и кои не случајно уште пред многу години беа наречени „балканскиот Цермат“. Но, наместо развој и стратешки инвестиции, со децении сме сведоци на разноразни мастер-планови, најави, стратешки инвеститори и неостварени милионски проекти.
Во меѓувреме, во богатството што го нуди Шара уживаат главно малубројните фрирајдери. Иронијата е што токму во оваа скијачка дисциплина Попова Шапка и Шар Планина веќе имаат меѓународна репутација каква што со години не успеваме да изградиме со класичниот ски-туризам. Специјализираниот портал „Powderhounds“ ја претставува Шара како извонреден простор за скијање во длабок снег, со огромни отворени падини, кулоари, шуми и терени од Попова Шапка и Јелак сè до Титов Врв на 2.747 метри, а „Eskimo Freeride“, кој работи од Попова Шапка, го опишува како најдолго активната „cat-skiing“ операција во Европа. Странските фрирајдери одамна откриле што имаме. Останува и ние да го откриеме.