ОТКРИЕНИ ТЕШКИ МЕТАЛИ ВО ХРАНАТА ЗА БЕБИЊА Тексас ги тужи „Нестле“ и американската подружница „Гербер“

Обвинителството тврди дека компанијата и по предупредувањето дека нејзините призводи содржат тешки метали, не ги повлекла производите ниту ги предупредила потрошувачите поради присуството на тешки метали туку продолжил да ги продава.

1

Канцеларијата на државниот обвинител на Тексас поднесе тужба против „Нестле“ и нејзината американска подружница „Гербер“, обвинувајќи ги дека ги доведоа во заблуда родителите во врска со безбедноста на храната за бебиња и присуството на токсични тешки метали во нивните производи.

Според тужбата, „Гербер“ користел 67 серии оризово брашно помеѓу 2017 и 2019 година што содржеле повеќе од девет пати повисоки вредности од федералната граница за арсен во флаширана вода, објави „Свис Инфо“.






Канцеларијата на државниот обвинител на Тексас соопшти дека во истиот период, морковите што ги користела компанијата содржеле нивоа на кадмиум до 17 пати повисоки од ограничувањето за флаширана вода, додека слаткиот компир содржел нивоа на олово речиси десет пати повисоки од тоа ниво.

Обвинителството, исто така, тврди дека „Гербер“ ретко тестира производи за жива и дека во поголемиот дел од периодот што се разгледува, тестирал поединечни состојки, а не готови производи за бебиња.

Според обвинителството, државна лабораторија во Алјаска, исто така, пронашла два примерока од оризови житарки „Гербер“ со концентрации на арсен над федералната граница во 2021 година.

Обвинителството тврди дека компанијата не ги повлекла производите ниту ги предупредила потрошувачите поради присуството на тешки метали туку продолжил да ги продава.

„Компанијата претходно повлекла производи поради присуство на пластика и опасност од задушување, но никогаш поради тешки метали“, забележува државниот обвинител.

Американската подружница на швајцарскиот прехранбен гигант „Нестле“, „Гербер“, им вети на родителите дека нејзината храна за бебиња е безбедна и предмет на строги контроли, иако, според државниот обвинител на Тексас, Кен Пакстон, внатрешните тестови на компанијата покажаа присуство на токсични метали.

– Кога компанијата дава ветувања за храна за бебиња, моја должност е да ги повикам на одговорност и да се осигурам дека тие ветувања ги исполнуваат – рече Пакстон.

Оттогаш „Гербер“ почна да објавува резултати од тестовите преку QR кодови на пакувањето.

Сепак, Пакстон тврди дека количините на тешки метали во производите останале непроменети, како и тврдењата за нивната безбедност на предната страна од пакувањето.

Случајот доаѓа во време на широка дебата во САД за присуството на арсен, олово, кадмиум и жива во храната за бебиња.

Тешките метали можат да претставуваат ризик за развојот на нервниот систем кај децата, а американските регулатори претходно разгледаа мерки за намалување на нивното присуство во производите наменети за најмладите.

Федералните здравствени агенции на САД ги рангираат арсенот, оловото и живата како прва, втора и трета потенцијално најопасна супстанца за здравјето на луѓето.

Обвинителот, исто така, истакна дека медицинската токсикологија не утврдила безбедна граница за изложеност на олово и неоргански арсен кај доенчиња под која овие супстанци би можеле да се сметаат за целосно безопасни.

Поврзани содржини