📽️ ФИЦО РАЗНЕСУВАШЕ ЛЕБ ЗА 1 МАЈ Словачкиот премиер во 3 наутро вршеше достава до болници и продавници
Словачкиот премиер ноќта ја помина доставувајќи леб и печива, нагласувајќи дека сака да покаже почит кон работниците.
Премиерот на Словачка, Роберт Фицо, ноќта пред 1 Мај ја помина на терен, работејќи како доставувач во пекарница, со цел, како што вели, да покаже почит кон работниците.
Фицо на социјалните мрежи објави видео на кое се гледа како во раните утрински часови товари и истоварува камион и доставува леб и печива до продавници и болници низ земјата.
Тој информираше дека бил во градот Нова Дубница.
– Сакам да ве поздравам од мојата ноќна смена. Само што доставивме свеж леб и печива – рече Фицо во објавата.
Премиерот посочи дека потекнува од работничко семејство и дека со вакви гестови сака да покаже солидарност со луѓето кои работат, особено во пресрет на Денот на трудот.
Тој откри дека ова не е првпат да работи ноќна смена во овој период, туку дека тоа го прави веќе неколку години по ред.
По завршувањето на смената, Фицо порача дека е горд на ангажманот.
– Заврши. Ноќната смена е зад мене. Горд сум што ја работам својата работа за луѓето најдобро што можам – изјави премиерот.