БЕСПЛАТНИ ДЕНОВИ ЗА ДЕПОНИРАЊЕ ВО „ДРИСЛА“, ПАРИЧНИ НАГРАДИ ЗА ПРИЈАВИ На 200 критични локации ќе бидат поставени камери

Градот сака да го олесни бесплатното оставање кабаст отпад, а граѓаните што ќе снимаат и пријавуваат вандализам би можеле да добиваат награди.

19

Еден или два дена во месецот граѓаните би можеле бесплатно да го носат кабастиот отпад во „Дрисла“. Градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски најави дека предлогот ќе го достави уште на наредните седници на Советот, а паралелно се разгледуваат и парични награди за граѓаните што ќе снимаат и пријавуваат вандализам.

Мерката треба да одговори на проблемот со мебелот, кујнските елементи и другиот кабаст отпад што се остава покрај контејнерите. Ѓорѓиевски во „Ноќно студио“ на 4ТВ рече дека низ Скопје има околу 2.500 микролокации што не можат постојано да бидат контролирани од инспектори.






– Граѓаните велат дека поевтино им е да платат казна отколку транспорт и депонирање во „Дрисла“ – рече Ѓорѓиевски, објаснувајќи зошто сака да се воведат бесплатните денови.

Надзорот треба да се засили и со камери. Во завршна фаза е постапката за нивно поставување на над 200 локации, не само околу местата каде што се создаваат диви депонии, туку и во парковите и кај детските игралишта.

Снимките на кои ќе биде регистриран вандализам, според најавата, ќе се доставуваат директно до Министерството за внатрешни работи.

– За овие деликти не е доволна само парична казна, туку мора да има кривична и морална одговорност – порача Ѓорѓиевски.

Како пример го посочи вандализмот врз Лотос фонтаната во Градскиот парк. Според него, фонтаната била целосно реновирана, а потоа за краток период трипати била ишарана со графити.

Во емисијата беа прикажани и последиците од силното невреме во Општина Центар, меѓу кои паднат покрив што оштетил автомобили и оштетена инфраструктура. Иако конкретната локација не е во директна надлежност на Градот, Ѓорѓиевски најави дека градските екипи ќе бидат испратени да расчистат.

– Имавме над 270 паднати дрвја низ Скопје и постојано им помагаме на општините и на граѓаните – рече Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини