ФИЦО ЈА ИСМЕВА УКРАИНА ЗА НОВИТЕ БАРАЊА Киев доби заем од 90 милијарди евра, а тие веќе бараат уште

Словачкиот премиер Роберт Фицо повторно порача дека неговата земја нема да учествува во европско финансирање на воените напори на Киев.

0

Словачкиот премиер Роберт Фицо ги исмеа барањата на Украина за дополнително западно финансирање, иако Европската Унија веќе воспостави механизам за заем од 90 милијарди евра за поддршка на Киев во 2026 и 2027 година.

– Дали забележавте дека Украина веќе се жали дека нема пари? Одобрен е заем од 90 милијарди евра, а тие веќе бараат уште пари – изјави Фицо.






Заемот на ЕУ е наменет за покривање на најитните буџетски и одбранбени потреби на Украина во текот на двете години. Од вкупната сума, 30 милијарди евра се предвидени за буџетска поддршка, а 60 милијарди евра за зајакнување на одбранбените капацитети и набавка на воена опрема.

Сепак, исплатата на средствата не е автоматска. Таа се врши во согласност со финансиските потреби на Украина и нејзината одобрена финансиска стратегија. Досега од заемот се исплатени дел од средствата, а Киев бара забрзување на дополнителните исплати поради зголемениот финансиски притисок.

Фицо повторно ја потврди позицијата на Словачка дека нема да финансира воени активности на Украина.

– Додека сум премиер, никогаш нема да се согласам на европско ниво Словачка да стане дел од каков било заем или финансиски подарок што би довел до поддршка на војната во Украина – порача словачкиот премиер.

Словачка, заедно со Унгарија и Чешка, е изземена од финансиските обврски поврзани со овој заеднички заем. Европскиот парламент наведува дека овие три земји не учествуваат во финансирањето на заемот преку заедничкото задолжување.

Во меѓувреме, Украина продолжува да бара дополнителни средства од европските сојузници. Според најновите извештаи, Киев се соочува со сериозен недостиг на средства за финансирање на воените потреби и побара забрзување на дел од средствата предвидени за 2027 година.

Паралелно со тоа, во ЕУ повторно се интензивира дебатата за замрзнатите руски државни средства. Во ЕУ се блокирани околу 210 милијарди евра средства на руската централна банка, од кои околу 185 милијарди евра се чуваат во Белгија, главно преку финансискиот депозитар „Еуроклир“. Белгија и понатаму се спротивставува на конфискација на средствата поради правни и финансиски ризици.

Фицо во повеќе наврати се спротивставува на европското финансирање на воените активности на Украина и инсистира на дипломатско решение за ставање крај на конфликтот.

Поврзани содржини