ПОЛСКА ДА РАЗВИЕ ПРОГРАМА ЗА НУКЛЕАРНО ВООРУЖУВАЊЕ Иницијатива на полскиот претседател Навроцки
Патот кон полските нуклеарни капацитети, со целосно почитување на меѓународните закони, е насоката по која треба да одиме - рече Навроцки.
Полска треба да развие сопствена програма за нуклеарно оружје како одговор на директната закана што ја претставува Русија за нејзината безбедност, смета полскиот претседател Карол Навроцки.
– Патот кон полските нуклеарни капацитети, со целосно почитување на меѓународните закони, е насоката по која треба да одиме – рече Навроцки во синоќешното интервју за телевизијата „Полсат њуз“.
Како врховен командант на вооружените сили, Навроцки ја оправдува својата иницијатива со геостратешката положба на земјата. Полска се граничи со Украина, која се брани од руска агресија речиси четири години, и проруската Белорусија.
Затоа, Полска мора да ја зајакне својата безбедност со нуклеарно оружје, смета конзервативниот политичар.
Запрашан за можната реакција на Москва на таквата иницијатива, Навроцки рече дека „Русија може агресивно да реагира на сè“.
Со оваа изјава, Навроцки отиде чекор подалеку од својот претходник и идеолошки сојузник Анджеј Дуда, кој во 2024 година предложи учество на Полска во програмата на НАТО „Споделување на нуклеарно оружје“, што би стационирало американско нуклеарно оружје на полска територија.
Полскиот претседател долго време нагласуваше дека Полска мора првенствено да се потпре на сопствените сили, па затоа се залага за развој на домашна програма, пишуваат британските медиуми.
НАТО претходно објави дека нема планови за понатамошно проширување на распоредувањето на својот нуклеарен арсенал. САД не откриваат каде ги чуваат своите нуклеарни боеви глави, но неофицијално се верува дека тие се наоѓаат во Германија, Италија, Белгија, Холандија и Турција, додаваат британските медиуми.
Навроцки, историчар кој до 2021 година го водеше Музејот на Втората светска војна во Гдањск, долго време е познат на полската јавност како силен критичар на рускиот и советскиот империјализам. Со години, тој беше и директор на Институтот за национално сеќавање (IPN), државна институција која истражува тоталитарни злосторства.