СЕ ПРОДАВА „АУДИТО“ НА МЕРКО ПЛАТЕНО 67.000 ЕВРА Оди на наддавање со почетна цена од 10.000 евра

Струга имаше многу посериозни проблеми кои требаше да се решат, а не да се купува едно такво луксузно возило - изјави Коста Хиохи, советник од ВМРО ДПМНЕ.

1,403

Советот на Општина Струга донесе одлука да го продаде општинското „ауди А6“ што го купи поранешниот градоначалник Рамиз Мерко. Возилото купено за 67.000 евра сега ќе се продава на јавно наддавање со почетна цена од само 10.000 евра.

– И ние како советничка група и неколку останати советници гласавме за продажба на тоа возило од проста причина што многу добро знаеме во какви околности беше купено тоа возило и во какво време, кога не беа запазени приоритетите на граѓаните. Струга имаше многу посериозни проблеми кои требаше да се решат, а не да се купува едно такво луксузно возило – изјави за Алфа, Коста Хиохи, советник од ВМРО ДПМНЕ.






Согласно важечките прописи, за возилото е пресметувана годишна амортизација од 15 отсто, при што неговата моментална проценета вредност изнесува 618.602 денари или 10.000 евра.

– Почетната цена на продажбата ќе биде еднаква на проценетата вредност, утврдена од овластен проценител. Крајната продажна цена ќе се утврди преку самата постапка на јавно електронско наддавање – велат од Општина Струга.

Аудито кое како службено возило се користело шест години, било поправано два пати, во март 2024 и во јануари 2025 за што биле потрошени 4.000 евра.

Покрај ова „ауди“ Мерко во неговиот мандат купи и три шкоди, а дали и тие ќе се продаваат, ќе се одлучува врз основа на нивната техничка состојба, економска оправданост и реалните потреби на општинската администрација.

Поранешниот градоначалник на Општина Струга Рамиз Мерко беше обвинет и гонет за злоупотреба на службената положба, затоа што набавил четири службени возила меѓу кои и аудито, во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка. Сепак, на почетокот на јуни 2025 година Мерко беше ослободен од вина. Судот утврди дека во процесот на јавната набавка нема докази дека сторил кривично дело и дека имал намера да ја злоупотреби својата службена положба.

Поврзани содржини