ГРАЃАНИТЕ НЕ СЕ ВИНОВНИ ШТО ВЛАДЕЕЛЕ НЕКАДАРНИ ПОЛИТИЧАРИ Полицијата не треба да казнува поради несменети возачки дозволи
Сметам дека ниеден македонски полицаец не треба да изрече парична казна за овој тип на прекршоци. Овој период треба да помине во превентивно делување, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Граѓаните кои ги немаат сменето возачките дозволи и регистарските таблички кои претстанаа да важат, во овој период не треба да бидат казнети, изјави денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Тој упати апел до полициските службеници да ги има предвид законските одредби што се однесуваат на укажувања, опомени, …
– Сметам дека ниеден македонски полицаец не треба да изрече парична казна за овој тип на прекршоци, затоа што македонскиот граѓанин не треба парично да плаќа затоа што сме имале некадарни политичари во минатото. Овој период треба да помине во превентивно делување од страна на полицијата, со цел да се усогласиме со законот – изјави Тошковски, одговарајќи на новинарски прашања по отварањето на скијачкиот центар „Михајлово“.
Казната за несменета возачка дозвола е 100 евра во денарска противвредност.
Во врска со личните карти, Тошковски ги демантираше пишувањата во дел од медиумите дека и овие документи престануваат да важат .
– Сите лични карти кои се со важечки втиснат датум, се во важност и ќе продолжат да бидат во важност. Ниту една законска измена не се однесувала на личните карти, така што граѓаните од тој аспект може да бидат мирни – нагласи Тошковски.
Од денеска возачките дозволи со старото име на државата престанат да важат. Досега се издадени повеќе од 800.000 возачки со новото уставно име на државата.
Според Преспанскиот договор, по промената на уставното име на државата, граѓаните имаа обврска да ги промени личните документи, а на регистарски таблички треба да имаат ознака НМК. Министерството за внатрешни работи соопшти дека краен рок да ги заменат регистарските таблички со нови или на старите да залепат налепница НМК беше до 31 декември 2024 година.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски безбедносната состојба во државата за време на новогодишната ноќ ја оцени како мирна и стабилна.
На територија на државата се случиле вкупно 29 кривично-правни дела и се приведени 33 лица, а се случиле 28 сообраќајни незгоди од кои во 3 има повреени лица.