ВЛАДАТА СЕ БРЗА ДА ГО ЗЕМЕ УНГАРСКИОТ КРЕДИТ Законот за задолжување ќе се носи по скратена постапка

Според она што е наведено во предлог-законот за задолжувањето, земјава се обврзува кредитот да го подигне во една транша, а ќе се отплаќа за 15 години, со вклучен грејс период од 3 години. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25%.

511

Законот за задолжувањето на земјава од 500 милиони евра кај Унгарската експорт – импорт банка е доставен во Собранието и ќе се носи во скратена постапка.

Според она што е наведено во предлог законот за задолжувањето,  земјава се обврзува кредитот да го подигне во една транша, а ќе се отплаќа за 15 години, со вклучен грејс период од 3 години. Заемот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година. Каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25%.






Доколку не се повлечат парите земјава ќе треба да плати провизија за неповлечени средства во висина од 0,5% од заемот на годишно ниво.

„Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата и ќе се плати првиот работен ден по завршување на периодот на достапност“, стои во предлог- законот.

Во образложението на законот за задолжување се посочува дека дополнително, земјава пред да го подигне кредитот  ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност. Притоа не се наведува колкав ќе биде износот на оваа провизија.

„Дополнително, Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт – импорт банка приватно друштво со ограничена одговорност. Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата“, се наведува во образложението.

Ваков услов досега немало при земањето на кредити на државава од странски банки.

По усвојување на Законот за задолжување и неговото објавување во „Службен весник“,  ќе може да се потпише  и Договорот за заем со унгарската приватна банка, кој во име на владата ќе го потпише министерката за финансии.

Владата смета дека со обезбедувањето на овој заем ќе се унапреди постојната и ќе се воспостави посебна економска соработка со Унгарија.

Средствата од заемот ќе се користат за буџетско финансирање и финансирање на општи цели согласно одредбите од Договорот за заем и важечките закони.

При најавата на овој кредит Владата соопшти дека парите ќе се користат за финансиски проекти на општините вкупно 250 милиони евра, а другата половина од парите ќе се дадат како поволни кредити на компаниите.

Поврзани содржини