ДОЛГОТ НА ГРАЃАНИТЕ ВО БАНКИТЕ СЕ ЗГОЛЕМИ НА 4,9 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО СЕПТЕМВРИ Од 1 декември стартуваат мерките на Народна банка за побезбедно задолжување кај банките

Народна банка оцени дека месечниот раст на депозитите на граѓаните е резултат на орочените депозити, а на годишна основа растот се базира на зголемените средства на трансакциски сметки, при позитивен придонес кон растот и на останатите компоненти.

319

Заклучно со септември граѓаните и компаниите заедно во банките должат вкупно 9,87 милијарди евра, а поединечно граѓаните должат 4,93 милијарди евра, а компаниите е 4,90 милијарди евра. Компаниите и граѓаните во септември во банките имале депозити во вкупен износ од 11,15 милијарди евра. Од нив на граѓаните се 7,50 милијарди евра.

Ова го покажуваат податоците на Народната банка во последниот извештај.






Станбените кредити со раст од 16,1%

Само во септември вкупниот долг на компаниите и граѓаните се зголемил за 1,3%. На годишно ниво, пак, забележан е вкупен раст од 14,1%, со тоа што кај компаниите растот е од 15,7%, а кај домаќинствата од 12,7%.

Народна банка забележува дека граѓаните најмногу се задолжувале со потрошувачките и станбените кредити. Во во септември во однос на претходниот месеца потрошувачките кредити пораснале за 1,1%, а станбените за 1,5%. На годишно ниво растот е од 12,4% кај потрошувачките кредити и од 16,1% кај станбените кредити.

Овој месец, автомобилските кредити забележаа месечен пад од 1,8%, а на годишно ниво пад од 0,4%. Кредитите одобрени на кредитните картички, во септември, забележаа месечен раст од 0,8%, при годишен пад од 2,6%.

Интересен е податокот кај негативните салда на тековните сметки на граѓаните. Тие се повисоки за 5,8% на месечна основа и се зголемени 4,9% во однос на ланскиот септември.

Кредитите одобрени врз други основи остварија месечно и годишно намалување од 1,3% односно 10,4%.

Високата задолженост на граѓаните посебно со станбени кредити беше повод и за последните мерки на Народната банка кои ќе важат од 1 декември годинава.

Нови правила за кредитите од 1 декември

Со мерките се ограничуваат максималниот рок на отплата на станбените и хипотекарните кредити и се намалуваат максималниот дозволен однос помеѓу месечните отплати и приходите на граѓаните (ДСТИ показателот), со цел да се спречи презадолжување.

За граѓаните кои првпат купуваат сопствен дом, условите остануваат поповолни и максималниот рок на отплата останува до 30 години.

За оние кои купуваат второ и дополнително живеалиште / хипотекарни кредити максималниот рок на отплата за стандардни станбени кредити се намалува од 30 на 25 години.

Максималниот рок за хипотекарни кредити се скратува на 15 години.

Народна банка го намали и ДСТИ показателот (однос меѓу месечна рата и плата) па така за  кредити во денари, максималниот ДСТИ се намалува од 50% на 45%, додека за кредити во странска валута (евра), максималниот ДСТИ се намалува од 45% на 40%.

Граѓаните го одбираат ороченото штедење

Компаниите и граѓаните во септември во банките имале депозити во вкупен износ од 11,15 милијарди евра. Од нив на граѓаните се 7,50 милијарди евра.

Податоците на Народна банка за септември, покажуваат месечен раст на  вкупните депозити од 0,4% и годишен раст од 9,2%  и тоа според Централната банка се должи на растот на депозитите на секторот „домаќинства“ од 0,3% на месечно ниво и од 9,2% на годишно ниво и помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор кои во септември остварија месечен раст од 0,4% и годишен раст од  8,6%.

Народна банка оцени дека месечниот раст на депозитите на граѓаните е резултат на орочените депозити, а на годишна основа растот се базира на зголемените средства на трансакциски сметки, при позитивен придонес кон растот и на останатите компоненти.

Oрочените депозити на домаќинствата, во септември, растат со умерена месечна и годишна динамика од 0,8% односно од  5,7%, главно поради зголемените долгорочни орочени депозити.

Народна банка оцени дека паричната маса во септември се задржа на нивото од претходниот месец, додека на годишна основа продолжи да расте со слична динамика, како и во претходниот месец. Годишниот раст изнесува 8,3% и го одразува растот на сите компоненти на паричната маса.

 

Поврзани содржини