СКОПЈЕ ГО ОТВОРА НОВОГОДИШНИОТ СПЕКТАКЛ НА 15 ДЕКЕМВРИ За 73.000 евра градот ќе добие елка висока 13 метри и светлосни украси низ градот
Градот Скопје распиша јавен повик за новогодишно украсување во вредност од околу 73.000 евра со ДДВ. Празничните декорации треба да бидат поставени до 15 декември, но засега не е познато дали ќе бидат опфатени улицата Македонија и поголемите булевари.
Скопјани и годинава ќе добијат новогодишна елка висока 13 метри, светлосен елен со четириметарски рогови, огромен подарок, балони и санка со подароци во која граѓаните ќе можат да се фотографираат. Градот Скопје планира за новогодишното украсување да потроши околу 73.000 евра со ДДВ, а празничните светилки треба да светнат најдоцна до 15 декември.
Градот денеска го објави јавниот повик за избор на фирма што ќе ги украси предвидените локации. Заинтересираните оператори ќе можат да поднесат понуди до 5 ноември, кога е предвидено и нивното јавно отворање.
За разлика од лани, кога тендерската постапка беше објавена подоцна, годинава Градот го распиша повикот околу еден месец порано. Тоа остава повеќе време за подготовка, па се очекува избраната фирма да ги испочитува роковите. Според условите, украсувањето треба да заврши до 15 декември, а новогодишните декорации да бидат отстранети во периодот од 15 до 25 јануари 2027 година.
За празничниот изглед на главниот град се предвидени околу 3,8 милиони денари без ДДВ, односно околу 4,5 милиони денари со пресметан данок. Тоа е приближно 73.000 евра.
Според техничката спецификација, на градскиот плоштад треба да биде поставена 13-метарска елка „нордика“, изработена така што ќе биде верна реплика на природна елка.
Оваа година во планот нема тридимензионално мече, какво што имаше во претходното украсување. Наместо него, меѓу главните декорации е предвиден светлосен мотив во форма на елен, висок околу четири метри. Конструкцијата треба да биде изработена од алуминиум, со декоративен елемент од шеќерна трска на роговите и комбинација од топло и ладно бело LED-осветлување со динамични светлосни ефекти.
Празничната сценографија ќе ја дополнуваат и светлосна фигура во форма на подарок, висока повеќе од шест метри, два дводимензионални портали и тридимензионална санка со подароци. Санката треба да биде висока околу два метра и широка четири метри, со можност граѓаните да влезат во неа и да се фотографираат.
Во планот се и два тридимензионални балони, високи по 3,5 метри, фигура на Дедо Мраз, стотина букети со LED-осветлување и светкав зелен новогодишен венец наменет за фотографирање.
Празничниот амбиент треба да го надополнат и светилки поставени на канделабрите, како и светлосни мразулци.
Една од разликите во однос на минатогодишниот тендер е тоа што во актуелниот јавен повик не се наведени прецизни локации за украсување. Наместо тоа, предвидено е местата да бидат утврдени со налогот за работа што ќе го добие избраната фирма.
Минатата година новогодишното украсување му беше доверено на „Линк медиа плус“. Договорот тогаш изнесуваше 3.620.000 денари без ДДВ, односно 4.271.600 денари со ДДВ, што е околу 70.000 евра.
Годинашниот планиран износ е речиси ист. Дали Скопје ќе добие побогата и пораспространета празнична декорација или светлосната магија повторно ќе остане главно во центарот, ќе стане појасно откако ќе биде избрана фирмата и ќе бидат утврдени локациите.