КРАЈ НА НЕОПРАВДАНОТО ШИРЕЊЕ НА ДРЖАВНИОТ АПАРАТ Нацрт закон носи појасни надлежности и ревизија на секои 5 години

Новиот нацрт-закон предвидува појасни надлежности на институциите и задолжително преиспитување на работата и организацијата на самостојните државни органи најмалку еднаш на 5 години.

143

Министерството за јавна администрација денеска одржа јавна дискусија за Нацрт-законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), со кој се поставува нова рамка за организацијата, надлежностите и одговорноста на органите на државната управа.

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, порача дека државата мора да излезе од моделот во кој институционалната структура е под влијание на дневнополитички договори, создавајќи преклопени надлежности, непотребни административни бариери и нејасна одговорност за резултатите.






– Повеќе од две децении, државната управа се соочуваше со последиците од фрагментирање на институциите и создавање структури без доволно јасно оправдување за нивното постоење. Кога надлежностите се преклопуваат, одговорноста се разлева, а цената на нефункционалниот систем ја плаќаат граѓаните и стопанството. Тоа мо а да се промени. Институциите не смеат да бидат инструмент за задоволување партиски или бирократски интереси – истакна Минчев.

Во рамки на своето излагање, тој истакна дека со предложеното законско решение се отвора важен процес на уредување на институционалната поставеност на државата, со јасно разграничени функции и правила што ќе овозможат поефикасно спроведување на јавните политики.

– Организацијата на државата мора да произлегува од потребите на граѓаните, функционалноста на институциите и јавниот интерес. Со ЗОРОДУ воспоставуваме основа за систем во кој надлежностите се јасно определени, а институционалната поставеност има своја оправданост и конкретна цел – нагласи Минчев.

Нацрт-законот предвидува прецизирање на односите меѓу Владата, министерствата, органите во нивниот состав, самостојните органи на државната управа и управните организации.

Се утврдуваат критериуми за основање и функционирање на органите, а за самостојните органи се предвидуваат јавна евиденција и функционален и организациски преглед најмалку еднаш во 5 години.

Со тоа се создава механизам за периодично преиспитување на институционалната поставеност и нејзината усогласеност со реалните потреби.

– Втората суштинска промена е во начинот на кој ја разбираме институционалната одговорност. Секоја надлежност мора да биде јасно утврдена, секоја институција да има определена функција, а јавните ресурси да се користат одговорно и рационално. На граѓаните им должиме систем во кој постапувањето е предвидливо, законито и професионално – истакна министерот.

На отворената јавна дискусија учествуваа претставници на академската заедница, дипломатскиот кор, институциите, граѓанските и синдикалните организации.

Преку консултативниот процес, велат од Министерството, се овозможува стручната јавност и сите заинтересирани страни да ги разгледаат предложените решенија и да придонесат кон нивно унапредување со аргументирани предлози.

Дополнително, Нацрт-законот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), со рок од 30 дена за консултации.

ЗОРОДУ е дел од реформската агенда на Министерството за јавна администрација, кое се залага за унапредување и професионализација на административната служба и воспоставување пофункционален систем на државна управа.

„Преку координирани реформи и соработка со институциите и стручната јавност, Министерството останува посветено кон создавање администрација што ќе одговори на потребите на граѓаните и ќе придонесе за поефикасно функционирање на државата“, порачуваат од Министерството за јавна админситрација.

Поврзани содржини