НЕМА ВЕЌЕ РОКОВИ ЗА БАРАЊА ЗА ОТКУП НА ДВОРНО МЕСТО Пет значајни измени на Законот за приватизација и закуп на државното градежно земјиште

Директорот на Управата за имотно-правни работи, Зоран Крстаноски пред пратениците во Собранието образложи дека цел на предложените законски измени е да се надминат утврдените проблеми во досегашната примена на законот, да се допрецизираат условите и постапките за приватизација на градежното земјиште и да се обезбеди поголема правна сигурност за граѓаните и за правните лица.

189

Измените и дополнувањата на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост денеска го поминаа првиот филтер. Пратениците во Собранието на седницата на Комисијата за финансирање и буџет го прифатија, по што ќе оди на понатамошно читање.

Директорот на Управата за имотно-правни работи, Зоран Крстаноски пред пратениците образложи дека цел на предложените законски измени е да се надминат утврдените проблеми во досегашната примена на законот, да се допрецизираат условите и постапките за приватизација на градежното земјиште и да се обезбеди поголема правна сигурност за граѓаните и за правните лица.






​Крастаноски посочи дека во текот на досегашната примена на законот се утврдило оти одредени законски решенија создаваат тешкотии во постапувањето, особено во случаите кога постојат повеќе сопственици на објекти на иста градежна парцела или кога станува збор за објекти во етажна сопственост, како и во постапки поврзани со претходно запишани права на користење на градежното земјиште.

Појасни дека има пет јасни и прецизни измени.

​- Првата значајна измена се однесува на укинувањето на одредбите за воспоставување на ограничен времен закон на градежното земјиште во државна сопственост. Досегашната практика покажа дека овие одредби се неприменливи и создаваат правна нееднаквост во однос на лицата што своите права ги остваруваат согласно Законот за градежно земјиште. ​Поради тоа се предлага нивно бришење и со соодветно на оваа измена, законот во иднина ќе го носи називот: Закон за приватизација на градежно земјиште во државна сопственост – рече тој.

Втората значајна измена, додаде, се однесува на допрецизирање на категориите лица кои можат да го остварат правото на приватизација на градежно земјиште.

– Со предложените решенија се опфаќаат лицата кои се прогласени за наследници на правата што произлегуваат од законот, како и лицата на кои им е пренесено правото за продолжување на постапката за приватизација во случаи кога и претходно било избришано правото на користење на земјиштето. ​На овој начин се создаваат појасни правни основи за продолжување на веќе започнатите постапки и за остварување на правата на лицата што ги исполнуваат законските услови – рече Крстаноски.

​Тој образложи дека третата значајна измена се однесува на приватизација на градежно земјиште на кое што се изградени објекти во етажна сопственост, односно објекти или посебни делови од објекти во сопственост на различни физички и правни лица.

​- Значајно во овој дел е што на етажните сопственици им се овозможува да го приватизираат земјиштето под зградата врз основа на податоци од Катастарот на недвижности, без обврска да доставуваат геодетски елаборати за нумерички податоци за формирање градежна парцела. ​Ова претставува конкретно административно олеснување со кое се поедноставува постапката и се намалува потребата од дополнителна документација за овој дел од земјиштето. Воедно, се уредуваат и случаите кога на една градежна парцела постојат два или повеќе објекти во сопственост на различни лица, со што се создаваат и појасни услови за утврдување на нивните сопственички права – рече Крстаноски.

​Четвртата измена се однесува на можноста за проширување на веќе поднесени барања за приватизација. Како што појасни Крстаноски, се овозможува, до донесување на првостепеното решение, барањето да се прошири и на други катастарски парцели кои што се дел во истата градежна парцела под условите утврдени во овој закон. Тој истакна дека се допрецизира и можноста кон веќе започната постапка да се приклучат и други лица што имаат соодветно право или правен интерес, вклучително и корисниците на земјиштето, сопствениците на објектите или етажните сопственици. Со тоа се овозможува посеопфатно решавање на имотно-правните односи во рамки на постојните постапки.

​- ​Петтата значајна измена се однесува на повторно отварање на можноста за промена на правото на користење во право на сопственост на градежното неизградено земјиште за определена категорија од законот кои што се поранешни сопственици.​ Имено, со предложените одредби се предвидува рок од една година од влегување во сила на законот овие лица да можат да поднесат пријава до Агенцијата за катастар на недвижности, согласно утврдените законски услови.​Истовремено, се предвидува и обврска за Агенцијата за катастар на недвижности, во рок од две години од влегување во сила на законот, да изврши решение на преостанатите запишани права на користење на градежното земјиште, со исклучок на оние права кои се заштитени со предвидените законски одредби – образложи Крстаноски.

​Тој потенцираше и дека на овој начин се создаваат и услови за поажурна и поусогласена катастарска евиденција и за надминување на дел од постојните имотноправни неусогласености.

​- Со овие предложени измени дополнително се прецизираат и одредбите кои што се однесуваат на потребната документација за постапката, во смисла на геодетски елаборати, се конкретизираат роковите за постапување и правото на жалба, а се врши и усогласување на законскиот текст со актуелните називи на надлежните институции и со уставното име на државата – вели Крстаноски.

Поврзани содржини