📽️ КРАЛОТ ЧАРЛС НАПРАВИ РАСКОШЕН КРАЛСКИ БАНКЕТ ЗА ОМАНСКИОТ СУЛТАН Фазани и јастози, дуњи, мед и од пиле млеко во чест на важниот гостин

Кралот Чарлс Трети приреди раскошен државен банкет во замокот Виндзор, а покрај елегантните изданија на членовите на кралското семејство, внимание привлекоа и неверојатните детали од свечената вечера.

215

Британското кралско семејство уште еднаш покажа како изгледа раскошот на највисоко ниво. Кралот Чарлс Трети во вторникот вечерта (20.10) приреди свечен државен банкет во замокот Виндзор во чест на оманскиот султан Хајтам бин Тарик Ал Саид. На гламурозната вечера присуствуваа 160 гости, меѓу нив и принцот Вилијам и принцезата Кејт, најистакнатите членови на кралското семејство и бројни угледни гости, а внимание привлекоа и неверојатните детали.

Во центарот на салата се наоѓала маса долга дури 50 метри, која се протегала речиси низ целата просторија. За гостите биле подготвени 480 ножеви, 480 виљушки и 160 лажици, а бил користен и историскиот кралски сервис што своевремено го нарачал кралот Џорџ Четврти. Станува збор за колекција од повеќе од 4.000 парчиња сребрен прибор со позлата.






Посебно внимание привлекува и величествениот свеќник со 12 свеќи, украсен со мотивот на Сент Џорџ и змејот. Изработен е во 1833 година по нарачка на кралот Вилијам Четврти, а за оваа пригода бил дополнително украсен со калинки од дрво што пред околу 50 години го засадил покојниот принц Филип, сопругот на кралицата Елизабета Втора.

Раскошот бил видлив и во поставувањето на трпезата во салата „Сент Џорџ“. Махагонската маса била долга 47 метри, а раскошната атмосфера била надополнета со цветни аранжмани направени од сезонско цвеќе, рачно набрано во градините на Бакингемската палата, замокот Виндзор и градината Савил, која е дел од паркот Виндзор Грејт.

Ништо помалку импресивно не било ниту менито, внимателно осмислено за оваа посебна пригода. За предјадење, гостите добиле шкотски шкампи и рак од Корнвол, послужени со авокадо, целер и бистра доматна супа.

За главно јадење бил послужен фазан од имотот Виндзор, подготвен со зачинети дуњи, полнета зелка, компири и сос од дижонски сенф. Вечерата завршила со елегантниот десерт „Бејкд Алјаска“ (Baked Alaska) – сладоледен десерт прекриен со запечена пена од белки, подготвен со сливи од Балморал и сладолед со мед од кралскиот имот Виндзор.

Изборот на локални состојки и сезонски производи е дел од пристапот со кој кралската кујна го претставува британското гастрономско наследство.

Султанот, кој е муслиман и не пие алкохол, за време на свечената здравица наздравил со безалкохолен пијалак, додека на другите гости им биле понудени врвни вина, меѓу кои особено се издвојувало „Шато Марго“ од 1979 година, како и шампањското „Taittinger Comtes de Champagne“ од 1998 година.

Посебно внимание привлекол пијалакот по вечерата. Наместо вообичаен коктел, готвачите се инспирирале од оманската традиција на „кахва“, ароматично арапско кафе со зачини, кое се споделува како знак на гостопримство. Во Виндзор оваа идеја ја приспособиле со британски чаеви и мед од кралскиот имот. Гостите можеле да изберат ладен чај „Ерл греј“ со урми, ладен чај со нане и роза или топол чај со кардамон и мед.

Кралската гозба не била само демонстрација на луксуз, туку и начин да се спојат традициите на двете земји. Од локалните британски состојки до пијалакот инспириран од оманското гостопримство, секој детаљ бил осмислен за да ја одбележи државната посета – прва посета на омански султан на Велика Британија по 44 години.

Посебна приказна бил и музичкиот дел од свеченоста. Иако многумина на кралски банкет би очекувале исклучиво класична музика, организаторите подготвиле интересна комбинација од традиционални композиции и современи хитови.

На репертоарот, покрај делата на Бах, Хендл и Вивалди, се нашле и песната „Shallow“, позната во изведба на Лејди Гага и Бредли Купер, „Clocks“ на групата „Колдплеј“ и „A Thousand Years“ на Кристина Пери. Била изведена и музика од популарни филмови и мјузикли, меѓу кои „La La Land“ и „The Greatest Showman“.

За музичката придружба бил задолжен гудачкиот оркестар на војвотката од Единбург, под диригентство на капетанката Александра Никсон, а свечената атмосфера дополнително ја збогатиле традиционалните шкотски гајдаџии.

Меѓу гостите биле и оманската атлетичарка Мазун Ал Алави и морепловецот Мохсин Ал Бусаиди.

Поврзани содржини