ОДБИВАЊЕТО НА ПРЕДЛОГОТ НЕМА ДА ГИ СКАРА МАКЕДОНЦИТЕ И АЛБАНЦИТЕ Заплашувањата на Османи не држат вода

Тоа што Бујар Османи го кажа е многу неодговорно за еден политичар, кој наместо да работи на единството на земјата, прејудицира можни меѓуетнички тензии. По сите лекции што ги научивме, не е можно да дојде до нарушување на меѓуетничите односи во Македонија, тврди безбедносниот експерт Благоја Марковски.

1,635

Ниту некој ќе тепа, ниту некој ќе биде тепан. Вака безбедносните експерти ја коментираат изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој изјави дека Македонија ќе се соочи со меѓуетнички тензии доколку не биде прифатен францускиот предлог.

Османи во одбрана на предлогот, со кој се очекува да биде кренато ветото за македонските евроинтеграции, меѓу другото кажа и дека евентуалното неприфаќање би можело да предизвика меѓуетнички тензии во Македонија.






Пензионираниот армиски полковник д-р Благоја Марковски, кого јавноста добро го памети од јавните настапи за време на конфликтот во 2001 година, смета дека изјавата на министерот е најблаго речено неодговорна.

– Тоа што Бујар Османи го кажа е многу неодговорно за еден политичар, кој наместо да работи на единството на земјата, прејудицира можни меѓуетнички тензии. По сите лекции што ги научивме, не е можно да дојде до нарушување на меѓуетничите односи во Македонија. Во државава сите етнички заедници ги уживаат највисоките права – вели Марковски, кој во моментов е претседател на Балканскиот форум за безбедност.

Во изјава за Плусинфо, тој потенцира и дека заговорниците на францускиот предлог немаат преголема причина за триумф.

– Во нивните објаснувања се наведува големата дипломатска победа за тоа дека издејствувале чиста формулација на јазикот. Тоа не е никаква победа, бидејќи нашиот јазик во ОН е веќе дефиниран како македонски и не може сега за тоа да се преговара со ЕУ или со Бугарија – додава Марковски.

Можни се тензии меѓу Македонците?

Слично размислува и политичкиот аналитичар Имер Селмани, кој смета дека времето на тензии помина.

– Граѓаните се доста свесни за да дозволат тензии. Ние сме созреано општество, а созревањето сме го платиле скапо во изминатите децении. Сепак, некој би можел за лични цели да посегне кон алката на меѓуетничките односи и тоа да се покаже како најслабата алка во општеството бидејќи ние сепак живееме во мултиетничко општество. Затоа кога имаме спротивставени мислења за одредени политички процеси, никој не би смеел да ги расипува меѓунационалните односи, без разлика какво мислење имаме за некоја конкретна работа – вели Селмани.

Дека нема опасности од тензии во Македонија, конкретно меѓу Македонците и Албанците, смета и аналитичарот Мерсал Биљали.

– Не верувам во меѓуетнички тензии. Повеќе е реално да дојде до тензии меѓу самите Македонци, бидејќи дел од населението е проевропско, а дел е дезинформирано. Нема потреба од страв, бидејќи клучот на преговорите со ЕУ е кај Македонија, која во секој момент може да ги прекине преговорите. Што се однесува до Албанците тоа нема никаква врска, бидејќи Албанија 20 години ќе преговара за членство во ЕУ, па дури тогаш ќе може да говориме за одредени проблеми – изјави Биљали.

Преспанскиот договор остави сомнеж?

Професорот по безбедност, д-р Стефан Буџаковски, објаснува дека иако безбедносната состојба на меѓународен план е доста сложена во моментов, не гледаме никакви знаци дека на Балканот е возможно да дојде до нарушување на безбедноста.

– Безбедносната состојба е стабилна и во Македонија, но не треба да се исклучи можноста поединци да се обидат да ја дестабилизираат. Тука мислам на партиски структури, патриотски здруженија и други групации, кои би можеле да го нарушат мирот и да предизвикаат тензии – вели професорот.

Буџаковски смета дека ваквата состојба може да се надмине само со целосна отвореност во претставувањето на францускиот предлог.

– Преспанскиот договор остави сомнеж меѓу граѓаните дека некои работи останаа скриени, затоа властите ќе мора да бидат крајно транспаренти во презентацијата на предлогогот – додава Буџаковски.

Лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, на своите коалициски партнери од владејачката коалиција им порача во текот на расправата во врска со предлогот, да се воздржат од закани за кривичен прогон на тие што имаат поинакви ставови, како и од меѓуетнички тензии. Договорената стратегија за широки консултации треба да се одвива во демократска атмосфера, одговорно и транспарентно, смета Трајанов.

Поврзани содржини