ДОКОЛКУ ПЕТКОВ ОПСТАНЕ Бучковски смета дека за тргање на ветото ќе гласаат и ГЕРБ и ДПС
Поранешниот премиер смета дека турбуленциите на бугарската политичка сцена со употребата и злоупотребата на македонското прашање, покажува дека околу тоа се прави кохезија на сите проруски сили во Бугарија, кои се насекаде.
Очигледно е дека додека не биде гласањето за ребалансот на буџетот на Бугарија, нема да биде јасно дали премиерот Кирил Петков има поддршка во парламентот за водење на владата, изјави во Топ тема на Телма поранешниот специјален претставник на македонската влада за Бугарија, Владо Бучковски.
– Војната во Украина и руската агресија ги искристализира разликите меѓу четирите политички партии во бугарската влада. Продолжуваме со промените е проамериканска, прозападна партија. Демократска Бугарија исто така.Една од партиите која е најпопуларна кај Софијанците, кај интелектуалците, во последните неколку недели предупредуваа на сериозно влијание на про-руските сили и во самата влада – – изјави Бучковски.
Бучковски смета дека најнепосакувано сценарио за Македонија е во Бугарија да се одржат нови избори, иако очекува владата на Петков да остане и да ги преживее актуелните турбуленции.
– За жал неколку потези кои ги правеше Петков во последниот месец дена, оставааат и кај мене резерви, дали тој е подготвен за таков решителен чекор. Според моја проценка ако тој реши ова прашање да биде во Парламентот, ќе ја добие поддршката и на дел од пратениците и од ГЕРБ и од ДПС, но тоа се други калкулации кои ќе ги прават и тие во следната недела. Мислам дека ќе го има мнозинството, но нема многу време и до Самитот на ЕУ. Времето и нему не му е сојузник а и кај нас како веќе да има замор од ова исчекување – изјави Бучковски во однос на можноста да се отстрани бугарското вето за македонските евроинтеграции.
Поранешниот премиер смета дека турбуленциите на бугарската политичка сцена со употребата и злоупотребата на македонското прашање, покажува дека околу тоа се прави кохезија на сите проруски сили во Бугарија, кои се насекаде.
– Најмногу во бизнисот се тие руски сили. Ова е голем судир на двете Бугарии. Не е тајна дека од времето на цар Борис тој чувствува дека војската и генералите му се прогермански, населението проруско, а дека тој единствен е Бугаринот. Очигледно е дека Петков е претставник на еден нов ков на политичари, со јасна проамериканска и прозападна ориентација и тој доаѓа во судир – вели Бучковски.