СТАНИ ЗГРИЖУВАЧ! Дајте му љубов и дом на некое дете

Во моментов во земјава има 350 згрижувачки семејства во чии рамки се згрижени околу 550 деца.

269

Да се биде згрижувач на дете е многу благородна, хумана и исполнителна работа. Поради фактот што во земјава има недостиг на згрижувачки семејства, секој човек кој смета дека може да пружи љубов и внимание на деца треба да се пријави и да стане згрижувач. Да се биде згрижувач е животна улога што трајно ќе промени еден живот.

Деновиве, во 25 градови низ државата се спроведува кампањата „Подај рака и промени живот – стани згрижувач“. Оваа кампања неслучајно почна да се спроведува на 1 јуни, на Денот на згрижувачките семејства. Кампањата ја спроведуваат Приватната установа СОС Детско село и Министерството за труд и социјална политика, во соработка со Заводот за социјални дејности, трите центри за поддршка на згрижувачки семејства, центрите за социјална работа, како и претставниците на локалната власт.






Идејата е, преку оваа кампања, да се добијат што повеќе нови згрижувачки семејства, да се допре до населението за да се запознае со темата згрижување, да се поттикнат нови кандидати, сѐ со цел да се зголемат ресурсите за сместување деца.

Постојат неколку типови на згрижување – општо згрижување, роднинско згрижување, специјализирано, интервентно или привремено, така што законот разликува неколку начини на грижа.

– Згрижувањето на деца во згрижувачко семејство претставува најдобрата форма за грижата на деца, бидејќи е најблиску до биолошко семејство и така се максимизираат резултатите во однос на нивниот психо-физички развој, се воспоставува емоционална врска помеѓу згрижувачот и детето, полесно се интервенира. Затоа згрижувањето и на светско ниво се смета за нешто што е во најдобар интерес на децата – вели директорката на СОС Детско село Јулијана Гапо за МИА.

Згрижувањето значи обезбедување основни потреби, пред сè дом, грижа, храна, здравствена заштита, но и други дополнителни потреби во зависност од потребите на корисниците кои во најголема мера се деца без родители, но има и дел возрасни, најмногу со одредени попречености.

Согласно законските критериуми секое лице од 18 до 62 години може да биде згрижувач, да има најмалку основно образование, да не биде осудуван, да не биде ограничен од родителско право, да има одредени услови, материјални и просторни услови каде што би можел да згрижи дете и на крајот да помине соодветна обука за згрижување врз основа на што ќе се донесе финалната проценка за тоа дали некој има компетенција да биде згрижувач или пак, тој самиот да процени дали може да стане згрижувач.

Во рамки на СОС Детско село, од неодамна функционира Центар за поддршка на згрижувачки семејства, кој за сите потенцијални кандидати што ќе покажат интерес да станат згрижувачи, обезбедува високо-стручна обука по меѓународно признаена „прајд“ методологија.

Оваа методологија, како што појасни социјалниот работник Јагода Насковска за МИА, е структурирана во девет сесии за потенцијалните згрижувачи низ кои кандидатите се обучуваат на темата згрижување, се продлабочуваат нивните знаења, се јакнат нивните компетенции, сѐ со цел да стекнат информации за тоа што всушност утре би се очекувало во однос на нивното извршување на згрижувачката функција, каква поддршка им е потребна на овие деца и така натаму и самостојно да донесат одлука дали сакаат да прифатат згрижувачката функција.

Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при СОС Детско село дава поддршка на 64 згрижувачки семејства во коишто се сместени 150 деца.

Една од задачите на стручните лица во Центарот за поддршка на згрижувачки семејства е и да ја одржуваат мотивацијата на згрижувачите, односно нивната посветеност.

– Тоа се прави преку советодавни разговори, редовна комуникација, како и преку организирање групи за самопомош што овозможуваат да згрижувачите врз основа на своите сопствени искуства меѓусебно си дадат сами на себе поддршка во комуникација со останатите згрижувачи кои исто така имаат слични предизвици или потреби од соработка – нагласува Насковска.

Законски, згрижувањето во која било форма, без разлика дали е тоа згрижувачко семејство, е до 18 години, значи додека децата станат полнолетни. Директорката на СОС Детско село Гапо, посочи дека со оглед на тоа што згрижувањето е специфична форма на грижа, се воспоставува блиска врска помеѓу згрижувачот и детето, па така, кога детето ќе наврши 18 години, одлуката останува на згрижувачот и на детето, дали тоа ќе остане и понатаму да живее во тоа семејство, но таа релација ќе си остане засекогаш.

– Згрижувањето постои повеќе од 60-70 години, има некоја традиција дека сè уште луѓето не прават разлика помеѓу згрижување и посвојување и важно е таа информација да стигне до што повеќе граѓани во нашата држава бидејќи се повеќе има семејства или поединци, кои имаат можност и би сакале да згрижат дете. Првенствено се фокусираме на тоа да ги направиме информациите достапни и до јавноста, со тоа што креиравме посебна веб-страница, посебен телефонски број – 075/277-447, a ќе се организираат и дополнителни обуки на кои може да се вклучат – вели Гапо.

Државата дава 16.700 денари доколку згрижите едно дете, доколку згрижите две деца се дава надоместок од 14.500 денари за секое дете поединечно, доколку згрижите три деца сумата се намалува, по 13.000 денари.

Силвана Тушевска која е згрижувач, за МИА вели дека подобро се чувствува кога ќе ја наречат мајка Силвана. Таа низ многу силни емоции ни раскажа што значи да се биде згрижувач.

Јас сум Силвана или подобро се чувствувам кога ќе ме наречат мајка Силвана. Работам како згрижувач веќе десетина години. За овие десет години поминале многу деца, меѓутоа девет деца се веќе израснати и самостојни личности во ова општество коишто се многу блиски и секогаш нѐ посетуваат така што таа релација секогаш останува нераскинлива меѓу нас. Сега во моментов чувам пет дечиња на различни возрасти и многу се радувам што семејството се освежи со две помали дечиња, тие се уште во градинка, многу се мали, им треба внимание, со нив има радости, палавштини сѐ тоа што го носи кога децата растат и се развиваат – раскажува Тушевска.

Таа апелира до секој кој чувствува нешто во себе и мисли дека може да пружи љубов и внимание на децата да се пријави и да стане згрижувач бидејќи, како што вели, ова е многу хумана, многу благородна и исполнителна работа што го прави човекот среќен секој ден.

Во моментов во земјава има 350 згрижувачки семејства во чии рамки се згрижени околу 550 деца.

– На годишно ниво досега се јавуваат меѓу 80 и 100 деца на кои им е потребно згрижување, а вообичаено околу 20-30 деца се згрижуваат. За другите може и некоја друга форма да биде избрана – имаме мали групни домови, може да се врати и во биолошко семејство. Всушност можеби помеѓу 15 и 20 посто од моменталниот број е потребно да се зголеми, со оглед на тоа што старосната граница на голем број згрижувачи е веќе висока, што значи во наредниве две три години државава ќе се најде во незавидна состојба, кога тие ќе одат во пензија, голема бројка на деца ќе останат дополнително на оваа редовна бројка на годишно ниво. Сега сме во една фаза каде флуктуацијата се зголемува, околу 35 посто од згрижувачите се со голема возраст – посочува Гапо.

Во споредба со Србија, која има околу три илјади згрижувачки семејства, ние немаме многу згрижувачки семејства. Во Косово има околу 30-40 згрижувачки семејства, но имаат 400 роднински семејства. Кај нас, вели таа, многу малку блиски сродници се одлучуваат да згрижат дете на блиско семејство.

За МИА: Кристина Ивановска, Марија Спасовска, фото: Дарко Попов и Фросина Насковиќ

Поврзани содржини