Гнасотилаци
Имено, онаа црна „честитка“ на „лидеро“ на опозициската секта до новоизбраниот бугарски премиер го комплетираше нивното срамно, вулгарно, денунцијантско и колаборационистичко однесување и понижувањето на сопствената држава и народ. Но, дефинитивно покажа и дека таму не останало ни „п“ од некаква политика, уште помалку некое слово од поимите морал или чест.
Новиот унгарски премиер Маѓар, инаку „побратим“ на нашава локална секта, на цел глас објавува дека министер за социјални и семејни прашања ќе му биде слепиот адвокат и аикидо мајстор Вилмош Катаи-Немет, демек прв слеп министер во модерната историја на Унгарија. А ние имавме цела влада слепа, глува, нема па и малоумна, што нѐ тормозеше полни седум години со своите хендикепи! А потоа, како подарок себеси, комплет се смести во Парламентот.
Како и да е, мојата неинформираност во текстот Црна „честитка“ ја набеди власта дека е незаинтересирана за одбележување на Денот на победата над фашизмот, што се покажа неточно. И за што се извинувам. Но се покажа и нешто друго: кој е кој и што е што, иако и до сега веќе има(в)ме прилично прецизна слика. Сега истата е заокружена.
Имено, онаа црна „честитка“ на „лидеро“ на опозициската секта до новоизбраниот бугарски премиер го комплетираше нивното срамно, вулгарно, денунцијантско и колаборационистичко однесување и понижувањето на сопствената држава и народ. Но, дефинитивно покажа и дека таму не останало ни „п“ од некаква политика, уште помалку некое слово од поимите морал или чест. Впрочем, тоа со својот молк (повторно) го покажа и онаа нивна „пајтон интелигенција“ која се влече по нив како градинарско црево – без срам пишувајќи секакви глупости и премолчувајќи ја патологијата на нивните газди.
Зашто, без оглед колку и да звучи пресилно, овде веќе сериозно мириса на дијагнози со коишто некој мора да се позанимава. Дали станува збор за групна дисоцијација (свесна или не), за форма на амнезија и деперсонализација…, но овој грст луѓе е веќе целосно одвоен од средината, од реалноста, што прераснало во механизам на одбрана од минатото односно искуствата од изминатите години кога беа неприкосновена власт.
Поточно, да кажете, на пример, „Како има тој човек право да го запре повеќедеценискиот пат на државата? Од каде му е тоа право? Што си мисли, дека е монарх некој?“ после оние страотно налудничави и историски неписмени седум години, мора да имате некаков проблем. Со себеси, со минатото, со реалноста… Зарем е можно „лидеро“ да не се запраша како тој, како член на владата (малите букви се…) и десна рака на неговиот тогашен (и сегашен) „премиер“ имаа право да го сменат вековното име на државата? Што мислеа, дека тие се монарсите вечно залегнати врз вратот на граѓаните? И од каде им тоа право?!
Или, кога „лидеро“ прашува „Кој е Христијан Мицковски да каже не? Каков е тој предавник и на стратешките, и на националните интереси на државата? Од кај му е таа храброст или од кај му е тој политички или морален или било каков легитимитет?“, зошто не направи обична замена на личното име и не праша: кој е Зоран Заев, или Венко Филипче, или Бујар Османи, или Радмила Шеќеринска… да го менуваат името на државата, да вршат предавства на стратешките и националните интереси и да прекројуваат историја, од каде им храброст да поддржуваат онаков Протокол бр. 2 и сѐ што тој носи со себе и кој и каков е нивниот „политички или морален или било каков легитимитет?“?
Бидејќи, ако себеси и на најблиските криминални пајташи не си ги поставиш тие прашања, од каде ти право да му ги поставуваш на Христијан Мицкоски или било кој друг?
И како, после сѐ што таа негова криминална власт направи, тој обвинува дека „оваа власт ниту има политички, ниту морален легитимитет повеќе да води оваа држава“. Колку за потсетување, оваа власт добила легитимитет на легални избори, со речиси половина милион гласови повеќе од таа на селскион „лидер“ и тоа, за неа, е доволно оправдување. Дали така и ќе остане е прашање кое допрва ќе биде поставено. Но него, барем засега, не може да го поставува ни Филипче ниту пак неговата селска клика.
Зашто, за жал или повеќе за среќа, изгубија секаков легитимитет – политички, морален, национален, интелектуален – воопшто да поставуваат прашања. Тие, можеби, низ некои спомнати патолошки „процеси“ се помириле со себеси и злосторствата што ги направија во оваа држава, но единственото прашање што им е дозволено да (си) го постават е: дали гласачкото тело се помирило со нив и нивните катастрофални политики? И на тоа прашање веќе добија два жестоки изборни шамари/одговори, а ќе добијат и нови. Зашто фактот што тие се помириле со себеси и сега живеат во некаков нов нереален политикантски балон на граѓаните ништо не им значи. Тие ќе казнуваат сѐ додека слепциве вака се однесуваат.
И не само Филипче и неговата булумента во извршниот одбор (малите букви се…), кои очигледно нештата ги помнат онака како што тие сакаат, туку и онаа интелектуална банда што се провира покрај нив, во оваа реалност немаат право да поставуваат прашања. Најмалку онакви од типот: а што направи власта за вас? За многумина такви оваа држава, во нејзините криминални изданија, правеше многу. Затоа се вака аздисани и не можат да се помират што не се први балерини, сиви еминенции, момци и девојки за сѐ…
И тие, очигледно, живеат во некоја своја реалност гледајќи се и понатаму како важни и некому потребни ликови, притоа надевајќи се дека јавноста заборавила како и од кого во едно друго време примаа плата во готово и на списоци, за кого работеа, какви куферчиња туркаа, чии пари трошеа, на кои газди се поклонуваа…
Тогаш, во таа реалност што сега ги жеже и ги мачи, не поставуваа „тешки“ прашања туку кочоперно грабаа и арогантно се смееа. И токму таа тогашна реалност, а особено онаа неодамнешна седумгодишна – повторно со нив како неизбежен „фактор“ во сите скаламерии! – во најголем дел е „темелот“ на сите сегашни наши порази. Впрочем, особено подметнувањето дека некој сега води војна со науката, културата, образованието…, дека царуваат „лажни пророци“… е минхаузеновска деперсонализација.
Па лажните пророци залегнаа овде уште во онаа 1992 година и ги спакуваа картите. Ова денес е само повторување на повторувањето и вадење нови шпилови… И во таа година, и по неа, беше одново реинсталиран целиот полуписмен универзитетски „кадар“ кој сега така грчевито се држи до своите позиции. Како впрочем и правосудниот „кадар“, културниот, образовниот… итн.
Можеме ли да пресметаме колку илјади интелектуалци се „идеолошки“ шиканирани и заобиколувани во периодот 1992-2024 година? Па само слушнете дел од „обраќањата“ на „лидеро“ – како да е во 1948 година!
Затоа, јасно е дека новата реалност им е неподнослива, а старата пече до срж и мора да се закопа, деконструира, заборави… Затоа и, сигурен сум, пред да започнат со гнасотилаците, дотичните имаат миг кога ги затвораат очите за да дојдат до онаа точка во нив каде сѐ е мрачно, гнило, смрдливо…
И истата да ја транспонираат во денешницата. И сѐ им станува полесно за да продолжат понатаму по истиот пат зашто за нив само тој мрачен пат е светол, топол, убав… Гнаси!