ВЛЕН – новиот европски политички правец
Ако Албанците во Македонија имаат една историска политичка конзистентност, тоа е европската ориентација. Тоа е избор што се повторува веќе со децении.
Денот на Европа ме инспирира емоциите да ги тргнам настрана и да си поставам едно прашање: кога велиме „Европа“, дали мислиме на сон или на стандард кој ја исполнува реалноста во нашите животи? Идејата за Европа не може да се исцрпи со романтични приказни, таа подразбира ред на нештата во кој законите важат подеднакво и за силниот и за слабиот, институции што не подлегнуваат под неформални канали на влијание, јавни пари што не исчезнуваат во сенката на сивата зона на економија, училишта што произведуваат знаење, а не апатија, и држава што ти овозможува да успееш. Вчера, на 9 мај се прослави токму идејата дека нормалноста може да биде посилна од привилегијата. Таа мисла ми беше најприсутна и додека гледав како обединувањето од принцип стана одлука.
Затоа нашиот Конгрес, на ВЛЕН, кој се одржа вчера, не беше исполнет само со временска симболика поврзана со календарскиот датум 9 мај, тој беше и политички чин на избор да бидеш проценуван и оценуван низ европски политички вредности, стандарди и критериуми. Ова подразбира политичко поведение насочено кон граѓаните, кое се одликува со јасно зборување и ветување, транспарентно одлучување без двојни сигнали, и да се држиш до дадениот збор и кога е тешко. Вчера ВЛЕН се заокружи како една партија која ќе биде политичка сила што ќе носи европски стандарди. Европските вредности не ги носиме како украс, туку како обврска што ќе нè држи будни.
Како Албанец во оваа држава, го знам најскапиот политички трошок, а тоа е расцепканоста. Поделбата секогаш изгледа како „плурализам“, ама на крај често излегува како слабост што ја плаќаат граѓаните. Кога гласот е раздробен, секој може да го условува, кога волјата е растурена, секој може да ја преговара, додека пак кога надежта е распарчена на мали делови, тогаш лесно се претвора во разочарување. ВЛЕН се создаде токму против таа матрица, се роди како спротивставување на политиката што живее од нашите разлики, наместо да ја носи нашата сила. Вчера таа идеја кристализираше, доби форма во која може да бидеме едно.
Ниту една голема тема повеќе нема да се претвора во ситен пазар: кој што ќе земе, кој што ќе биде, кој што ќе добие. Ние не сме овде за да ја продолжиме таа традиција на политички ситнеж. ВЛЕН ќе биде прекинот со навиката политиката да се доживува како приватна добивка. Ако има една работа што Европа ја учи, тоа е дека јавната позиција не е трофеј, туку обврска која се мери со резултат. Народот е уморен од политика што се сведува на „кој ќе земе“, а гладен за политика што прашува „што ќе направиме“.
Токму затоа ја повторувам програмската формула што вчера ја изгласавме како јавна обврска: ВЛЕН е обединување. ВЛЕН е нов правец. ВЛЕН е достоинство. ВЛЕН е работа. ВЛЕН е европска иднина.
„Обединување“ значи дека повеќе нема простор за паралелни линии што ја трошат довербата. „Нов правец“ значи дека престануваме да се движиме во круг на истите шеми: клиентелизам, привилегии, политичка ароганција. „Достоинство“ значи дека граѓанинот не смее да се чувствува мал пред државата. „Работа“ значи дека политичкиот говор мора да се преточи во конкретни закони, буџети, проекти, рокови. „Европска иднина“ значи дека стандардите ќе се применуваат овде, дома, а не само да ги полнат политичките говори.
Една од најважните европски лекции е дека демократијата не живее само во центарот. Таа живее секаде таму каде што човекот го живее животот: во општината, во училиштето, во амбулантата, во инфраструктурата. Ако локалното ниво е слабо, граѓанинот е далеку од државата и тогаш државата станува мит, а не услуга. ВЛЕН ја носи идејата за вистинска моќ на општините, за рамномерен развој и за крај на „периферијата како судбина“.
Нема европска иднина без прочистена политика од ерозивно однесување кое го поткопува системот. И во оваа насока ќе бидеме строги. Корупцијата не е апстрактна „грешка на системот“ – корупцијата е сиромаштија што се произведува, неправда што се нормализира и иселување што се оправдува. Таа го казнува чесниот човек, го наградува дрскиот и ја претвора државата во комфорен простор за различни коруптивни и клиентилистички мрежи. Антикорупцијата ќе прерасне во постојан политички метод на транспарентност, следливост, дигитални траги, јавни податоци, професионални процедури, институционални реакции што не се селективни. Европа е строга во сите овие сегменти и за тоа мораме и ние да бидеме строги.
Ако Албанците во Македонија имаат една историска политичка конзистентност, тоа е европската ориентација. Тоа е избор што се повторува веќе со децении. Но европската ориентација не смее да остане само идентитетска ознака, таа мора да прерасне во политика што се препознава во животот: во тоа дали младиот човек ќе остане, дали ќе се врати дијаспората, дали ќе се отвори бизнис без да плаќа „данок“ на некој посредник, дали ќе се добие работа по знаење, дали ќе се стигне побрзо до лек, услуга или правда.
Јас не верувам во иднина што се продава како „ќе дојде сама“. Иднината се прави со луѓе што се осмелуваат да се променат и да го прекинат старото. Затоа младите не смеат да бидат декор во политиката, тие ќе бидат двигател со право на глас, со место во одлучувањето, со простор да критикуваат и да водат. И истото важи и за жените: нема модерна политика ако половина од општеството се држи на маргина или се третира како бројка. Европа се мери по тоа колку е слободна жената – во безбедност, во економија, во достоинство, во лидерство. ВЛЕН ќе ги направи овие цели видливи и мерливи, а не само убави програмски декларации.
Во програмата ставивме и нешто што премногу често се занемарува, а тоа е идејата дека државата се развива кога се поврзува. Коридорот 8 не е само пат и пруга, тој е политичка економија на достоинството, на отворање на можности, поврзување на пазари, намалување на изолираностa, создавање на перспектива. Коридорот 8 и патно-железничките врски со Албанија, заедно со подобрата комуникација и мобилност со Косово, се развојна артерија на регионот, а албанските средини не смеат да останат периферија, туку треба да станат мост на економијата, културата и регионалната соработка. Секоја инфраструктура што го скратува растојанието меѓу човекот и можноста, го скратува и растојанието меѓу Македонија и Европа.
Еден ден по Конгресот, нема причина за самозадоволство. Јас тоа го чувствувам како лична одговорност, не како удобна победа. Напротив, денес почнува потешкиот дел – да се докаже дека обединувањето не беше само момент, туку развој на нов европски политички капацитет и да се покаже дека „новиот правец“ е навистина нов, а не повторување на истите навики со ново име.