КОГА СКАНДАЛОТ СТАНУВА ТАЛЕНТ Живееме ли во диктатура на површноста?

Општество што ја наградува површноста, а ги оттурнува знаењето, достоинството и вистинските вредности, постепено почнува да го губи чувството за морал и мера. И можеби најстрашно од сѐ не е што постојат вакви личности, туку што општеството почна да им аплаудира.

0

Денешното општество сѐ повеќе живее во култура каде вниманието станува поважно од вредноста. Наместо знаењето, карактерот, чесноста, достоинството, вредностите и вложениот личен труд да бидат мерило за успех, медиумскиот простор сѐ почесто го освојуваат најгласните, најконтроверзните, најскандалозните и најповршните личности. Денес живееме во време кога вниманието стана повредно дури и од знаењето, карактерот и достоинството. Во свет каде гледаноста и кликовите носат пари, скандалот станува производ, а човекот средство за забава.

Медиумите и социјалните мрежи создадоа свет во кој славата повеќе не мора да се заслужи. Порано луѓето стануваа познати поради талент, наука, уметност или достигнувања. Денес, доволно е некој да направи скандал, да се понижи јавно или да го претвори сопствениот приватен живот во циркус за публика. Колку е поголем шокот, толку е поголема гледаноста. А каде што има гледаност има пари.

Реалити програмите и дел од современите медиуми создаваат инстант познати личности врз основа на шок, конфликт и деградација на приватноста. Колку е поголема провокацијата и глупоста, толку е поголемо вниманието. Преку овие програми интимноста, она малку достоинство што останало и човечката вредност се претвораат во „стока“ што се продава за краткотрајна популарност и некој хонорар.

Психологијата на празнината

Психолошката позадина на реалити-културата и индустријата на брза слава е многу подлабока отколку што изгледа на прв поглед. Зад гласната музика, скандалите, конфликтите и евтината популарност всушност стои сложен спој од човечки слабости: потреба за внимание, алчност, несигурност, желба за прифаќање и страв од безначајност.

Многумина од учесниците не доаѓаат со јасна цел или талент, туку со внатрешна празнина што се обидуваат да ја пополнат преку добивање наводна јавна потврда од јавноста. Во општество каде вредноста на човекот сѐ повеќе се мери преку следбеници, лајкови и медиумска присутност, за некои луѓе секое јавно внимание станува подобро од никакво внимание, дури и кога е понижувачко или негативно.

Тука се појавува еден важен психолошки механизам: потребата за надворешна потврда. Личност што нема стабилно чувство за сопствена вредност често почнува да ја бара својата „важност“ преку реакциите на другите. Кога публиката гледа, коментира и зборува за нив, тие добиваат чувство дека постојат и дека се значајни. На тој начин, скандалот станува средство за психолошко преживување.

Психолошки гледано, многу од луѓето што влегуваат во вакви формати не доаѓаат само поради пари, туку пред сѐ поради личната потреба да бидат забележани. Во време кога многумина се чувствуваат невидливи и безначајни, секое внимание па дури и негативно, почнува да изгледа како доказ за сопствена вредност. Така се создава опасна илузија: дека човек вреди онолку колку што другите зборуваат за него. Не е важно дали славата е негативна, дали луѓето се смеат, згрозуваат или потсмеваат, важно е само името да биде присутно.

Колку потребата од јавно внимание станува силна и разорна, најдобро говори бесрамното впуштање во интимни односи пред ТВ камерите, јавно пред сопственото семејство, роднините, пријателите, па дури и пред очите на сопругот или сопругата и децата кои тоа го гледаат.

Кај некои учесници може да се забележи и нарцисоидна структура на личноста, силна потреба да бидат во центар на внимание, постојано да предизвикуваат реакции и да чувствуваат дека се „посебни“. Но парадоксално, зад претераната самодоверба често стои длабока несигурност. Токму затоа многумина се подготвени да ги поминат границите на интимноста, достоинството и приватноста само за да останат релевантни уште неколку дена во медиумите.

Индустријата на манипулацијата

Од друга страна, уште поинтересна е психологијата на оние што ги создаваат и промовираат овие личности. Продуцентите и медиумските структури многу добро ги разбираат човечките слабости. Тие знаат дека конфликтот, скандалот, сексот и самопонижувањето предизвикуваат силна емоционална реакција кај публиката. А емоцијата носи гледаност, кликови и пари. Затоа не се бараат стабилни, мирни и зрели личности туку луѓе што лесно влегуваат во драма, што се импулсивни и што можат да бидат искористени како „материјал“ за спектакл.

На психолошко ниво, ова претставува форма на манипулација со човечките слабости. Индустријата ја користи желбата на поединецот за брза слава и лесни пари, а за возврат му дава краткотрајно чувство на важност. Но таа „слава“ најчесто е површна и минлива. Кога камерите ќе се изгаснат и вниманието ќе исчезне, многу од тие личности остануваат со чувство на празнина, искористеност и уште поголема несигурност.

Најголемиот проблем не е само постоењето на ваквите содржини, туку начинот на кој општеството почнува да ги наградува. Живееме во време кога скандалот станува побрз пат до успех отколку знаењето, кога површноста добива повеќе простор од вистинските вредности. Најопасниот аспект е што ваквата култура постепено ја менува и колективната психологија на општеството.

Особено загрижува тоа што младите генерации растат во средина каде скандалозните личности добиваат повеќе простор од образованите, културните и вредните луѓе. Кога тие секојдневно гледаат дека скандалот носи успех, а достоинството останува незабележано, се создава изопачен систем на вредности. Наместо трпение, знаење и личен развој, се промовира идејата дека сѐ може да се добие веднаш ако човек е подготвен доволно гласно да се продаде себеси.

Младите генерации растат со впечаток дека не е важно што човек создал, научил или придонел, туку колку, а не какво, внимание успеал да привлече. Наместо пример за успех да биде научник, уметник или чесен професионалец, често центарот на вниманието го добиваат личности познати по драма, вулгарност и самопромоција. Тоа испраќа опасна порака: дека е поважно да бидеш познат отколку вреден.

Општество што ја наградува површноста, а ги оттурнува знаењето, достоинството и вистинските вредности, постепено почнува да го губи чувството за морал и мера. И можеби најстрашно од сѐ не е што постојат вакви личности, туку што општеството почна да им аплаудира. Кога скандалот станува талент, а самопонижувањето пат до успех, тогаш веќе не зборуваме само за пад на медиумите, туку и за пад на вредносниот систем на едно општество.

Поврзани содржини