ДОКТОРИТЕ И НАСТАВНИЦИТЕ ЌЕ ОСТАНАТ НЕЗАМЕНЛИВИ Вештачката интелигенција веќе е реалност во училниците

Образовниот систем активно се трансформира со цел младите да ги стекнуваат потребните компетенции кои ќе бидат клучни за економијата во иднина, вели министерката за образование и наука Весна Јаневска.

28

Образовниот систем активно се трансформира со цел младите да ги стекнуваат потребните компетенции кои ќе бидат клучни за економијата во иднина, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на научната конференција „Креирај дома, продавај глобално“, со која се означи отворањето на Технолошкиот парк – Н99.

Говорејќи на панел дискусија посветена на образованието и дигиталната трансформација, таа нагласи дека Министерството за образование и наука е посветено на следење на глобалните трендови и интегрирање на вештините на 21. век во наставниот процес, почнувајќи уште од основното и средното образование.

– Вештачката интелигенција веќе е реалност во училниците. Министерството во соработка со државни и приватни факултети од областа на информатиката, изработи водич за примена на вештачка интелигенција, наменет за наставници, ученици и за родители, со цел етичка и безбедна употреба на технологијата, заштита на личните податоци и препознавање на злоупотреби. Паралелно ги обучивме наставниците и сега веќе има ментори во сите училишта што го пренесуваат знаењето на останатите – рече министерката.

Јаневска додаде дека голем број училишта се опремени со модерна технологија и со безбеден интернет, а процесот ќе продолжи и во наредниот период.

Посочи дека Македонија активно се приклучува кон глобалните напори за одговорна примена на вештачката интелигенција и потсети дека државата ја потпиша Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција.

Осврнувајќи се на влијанието на вештачката интелигенција врз пазарот на трудот, министерката кажа дека трансформацијата на работните места е неминовна, но дека постојат професии како наставниците и докторите кои ќе останат незаменливи.

Во врска со технолошкиот развој на државата, Јаневска рече дека Македонија веќе има усвоено Стратегија за паметна специјализација со поддршка од ЕУ, во која се дефинирани 4 приоритетни области – паметно земјоделство, паметно градежништво, туризам и ИТ секторот.

– Одлучивме да обезбедиме рекорден буџет за научно-истражувачки проекти на универзитетите, факултетите, МАНУ и на бизнис заедницата, кои се поврзани со целите на Стратегијата за паметна специјализација. За 2 години двојно ги зголемивме средствата за наука и очекувам овој тренд да продолжи – истакна Јаневска.

Говорејќи за улогата на научно-технолошките паркови и истражувачките центри, министерката потенцираше дека тие претставуваат клучна алка во поврзувањето на образованието, науката и бизнис секторот и во таа насока, Владата веќе работи на мега проект за основање на првиот државен научно-технолошки парк, кој, според првичните планови, треба да проработи наредната година.

Поврзани содржини