ПУТИН ПОТВРДИ ДЕКА МОСКВА, КИЕВ И ВАШИНГТОН СЕДНУВААТ НА МАСА Украинците во Абу Даби ќе ги претставува Буданов

Делегации на Русија, САД и на Украина повторно ќе седнат на преговарачка маса по повеќемесечна пауза. Трамп најавува голем договор, Киев е воздржан, додека Москва тврди дека Европа не покажува подготвеност за разговори.

8

Трилатерални преговори меѓу делегации на Русија, САД и на Украина ќе се одржат на 10 и 11 ноември во Абу Даби, во Обединетите Арапски Емирати, по повеќемесечна пауза во непосредните контакти меѓу Москва и Киев.

Рускиот претседател Владимир Путин го потврди почетокот на разговорите, но украинската страна не очекува значителен пробив, додека Кремљ ги намалува очекувањата за големиот договор што го најавува американскиот претседател Доналд Трамп.






– Следната недела, во вторник, треба да започнат трилатералните преговори за украинското прашање во Обединетите Арапски Емирати, за што сме благодарни на раководството на Обединетите Арапски Емирати – изјави Путин на состанок со постојаните членови на Советот за безбедност на Русија.

Путин нагласи дека раководството на Обединетите Арапски Емирати ѝ помага на Москва во напорите за изнаоѓање решение за војната, како и во решавањето на хуманитарните прашања, особено при размената на заробеници.

Украинската делегација ќе ја предводи шефот на Кабинетот на украинскиот претседател, Кирило Буданов. Тој во интервју за американската телевизија Си-Би-Ес оцени дека самата согласност за непосредни разговори претставува напредок, но одби да прогнозира конкретен резултат.

– Овие преговори не се последни и не се конечни. Сè за што ќе разговараме е приближување кон подготвеноста за завршување на војната што е во тек. Што ќе постигнеме? Ќе се воздржам од одговор – изјави Буданов.

Руската делегација ќе ја предводи помошникот на Путин, Владимир Медински, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Американската страна се очекува да ја претставуваат специјалниот пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на претседателот на САД, Доналд Трамп.

Разговорите ќе се одржат зад затворени врати, а главни теми ќе бидат безбедносните прашања и гаранциите за Украина. Средбата ќе биде на работно ниво, со посредство на Вашингтон.

Кремљ ја прозва Европа

Песков ги намали очекувањата за договорот што Трамп го најави како „голем и прекрасен“. Според него, Москва досега не забележала подготвеност кај европските земји да разговараат за идната безбедност на континентот.

Портпаролот на Кремљ посочи дека европските земји сè уште немаат назначено ниту свој преговарач. Неговата изјава следуваше по средбата на рускиот преговарач Кирил Дмитриев со Трамп во Белата куќа.

Европската Унија и НАТО, пак, предупредија дека до праведен и траен мир претстои уште многу работа.

– Сите посакуваме наскоро да биде постигнат мировен договор, но претстои уште многу работа за да се стигне до тоа – изјави портпаролката на Европската комисија, Паула Пињо.

Таа нагласи дека Европската Унија мора самостојно да одлучува за прашањата што ја засегаат нејзината безбедност.

Претходно во Брисел се одржаа разговори меѓу претставници на НАТО, САД, Украина, Европската Унија и неколку европски земји, со цел да се придонесе за постигнување праведен и траен крај на војната.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави можност за голем договор со Русија за Украина, кој, според него, би можел да ја опфати и цела Европа.

Поврзани содржини