ЗА МАСК „СТАРЛИНК“ ВО УКРАИНА БИЛ ГОЛЕМА ГРЕШКА Русите го вклучија својот систем „Расвет“ за да бидат попрецизни

Милијардерот жали што испратил илјадници бесплатни терминали и обезбедил услуги вредни милиони долари месечно. Во меѓувреме, Москва развива сопствена сателитска мрежа, која веќе ја користи за воени операции во Украина.

0

Американскиот милијардер Илон Маск призна дека неговата компанија „СпејсИкс“ направила грешка кога ѝ обезбедила на Украина илјадници бесплатни терминали за „Старлинк“ и сателитски интернет вреден милиони долари месечно.

Неговата изјава доаѓа во време кога Русија веќе го користи сопствениот сателитски систем „Расвет“ за воени операции на украинска територија.






„Гледајќи наназад, „СпејсИкс“ направи грешка со испраќањето илјадници бесплатни терминали за „Старлинк“ и обезбедувањето бесплатна услуга во вредност од милиони долари месечно“, напиша Маск на платформата „Икс“.

Тој реагираше на критиките поврзани со ограничувањата за користење на „Старлинк“ од страна на украинските сили, вклучително и оние од украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Она што започна како пристап до интернет за цивили, стана основа за автономни дронови-убијци“, напиша Маск, додавајќи дека корисниците на системот за воени цели преку медиумите ги исмеваат оние што се обидуваат да им ги ограничат операциите.

Истовремено, украинското воено разузнавање соопшти дека Русија го користи новиот систем „Расвет“ за подобрување на прецизноста на своите јуришни дронови и за заштита од електронско попречување, јави Ројтерс.

– Русија го користи сателитскиот систем „Расвет“ над територијата на Украина за воени цели – изјави Андриј Јусов, портпарол на Главната управа за разузнавање при Министерството за одбрана на Украина.

Според украинското разузнавање, Москва годинава лансирала 32 сателита од системот „Расвет“, во март и во јули, а планира нови лансирања до крајот на 2026 година.

Руската мрежа е значително помала од „Старлинк“, кој располага со повеќе од 10.000 сателити. Воената верзија на американскиот систем, „Старшилд“, функционира во Украина, но не и во Русија.

Поврзани содржини